Жителите на Општина Неготино кои се против изградба на депонија за индустриски инертен отпад, да го дадат својот потпис во општинската зграда, на третиот кат, бидејќи собирањето на потписите продолжува.
Барањето да биде поништена одлуката за изградба на депонија, вчера беше отфрлено од дневниот ред на седницата на Советот во Неготино. И покрај тоа што градоначалникот Тони Делков во видео изјава порача дека нема да се гради депонија, усната изјава не значи ништо и никој не смее никогаш да помисли да ги лаже граѓаните – известуваат од здружението на граѓани Ековита.
Тие информираат дека потписите ќе се собираат се до 19-ти јануари, а веќе се потпишале над 1.700 граѓани. Според нив, за да биде поништена одлуката за изградба на депонијата, постои законска процедура која што треба да се испочитува, а градоначалникот, само на збор, не може самостојно да поништува одлуки. Додаваат дека за официјално и законски да се поништи одлуката, првин треба да се свика седница со депонијата како точка на дневен ред. Потоа следувало гласање за поништување на одлуката за отворање депонија (мнозинството треба да изгласа за поништување на одлуката).
-Треба да ни достават документ – гаранција, дека ваква или слична депонија нема да има! Сѐ додека не видиме гаранција, сѐ што ни кажуваат е само купување време, а депонијата е спремна да се реализира. Градоначалникот не е субјект кој што може самостојно да одлучи да ја поништи одлуката. Ова докажува дека кажаното не држи вода, ама ич! Ако им беше гајле, советниците ќе ја ставеа депонијата како точка на дневен ред уште вчера. Граѓани, не им се даваме! Продолжуваме со потписи со сета сила! А партиите, што сакаат нека си прават, ама нас нема да нѐ уништат – порачаа од Ековита. И советничката група на ВМРО ДПМНЕ од Неготино вчера излезе пред јавноста и му порача на градоначалникот Тони Делков дека граѓаните не му веруваат.
-Градоначалникот пред јавноста изјави дека депонија нема да има, но исто така нема ниту одлука за поништување на одлуката за изградба на депонијата. Повторно лага и манипулација врз грбот на граѓаните, но овој пат со најосетливата тема, нивното здравје. Одлука не носи градоначалникот на Неготино, одлука носи Советот на општината, со гласање на советниците! Вашето лицемерие се гледа од далеку, но овој пат граѓаните не ви веруваат! Вашата искреност ќе беше потврдена доколку на денешната седница ги прифатевте точките кои ги предложивме ние советниците од ВМРО ДПМНЕ, и со надополнување на дневниот ред ќе гласавме одлука против изградба на депонија. На овој начин, проблемот со депонијата во Неготино останува – изјави советничката Флорида Илиевска.
Вики Клинчарова