Денеска во Кавадарци се одбележаа 79 години од стрелањето на 12-те ваташки младинци.
На споменикот подигнат во чест на 12-те деца од Ваташа кои беа убиени од страна на бугарскиот фашистички окупатор, градоначалникот Митко Јанчев, заедно со советниците од општинското собрание, пратеници и членови на семејствата на стреланите дванаесет Ваташки младинци, го одбележаа 16-ти јуни и им оддадоа почит за нивната храброст и непокорност.
-Не е ова далечна историја па да ја заборавиме, да ја избришат. Нема! Затоа што во мислите остануваат ѕверските мачења од бугарскиот фашистички окупатор на дванаесетте ваташки младинци. Затоа што нивните семејства уште се живи и секоја година се потсетуваат на тој кобен 16-ти јуни. И затоа што ова е еден од најголемите злосторства во времето на Втората светска војна во Македонија.
„Смртта стана немоќна пред нашата младост исправена, пред очите наши загледани уште тоа утро во иднината”.
Овие зборови се напишани на нивниот споменик да сведочат за овој крвав злочин.
И затоа! Никогаш да не ги заборавиме страдањата кои македонскиот народ ги доживеал во таа четиригодишна окупација и да се гордееме со сите оние борци и сите храбри луѓе што помагале во тие времиња, за слобода на македонскиот народ.
Да не се повтори!-објави на својата страница градоначалникот.
Во Кавадарци сеќавањата на масакрот, и по сите изминати години се свежи и нема утеха за семејствата на убиените младинци. Колежот врз нив го извршила бугарската воjска и полициски одреди на чело со капетан Борис Жеглов, поручник Борис Костов и подофицер Петко Опреков под команда на полковник Љубен Апостолов, командант на 56. Велешки пешадиски полк од Петтата бугарска армија. По потекло Апостолов бил од Крива Паланка. По тоа време од 40 до 60% од војниците во полковите на Петтата армија биле локални регрутирани младинци, исто како и голем дел од полицијата, која била составена од месни кадри.
Уште вечерта на 15 јуни 1943 година низ Ваташа се разнесла веста дека утредента никој не треба да оди на работа, зашто е роденден на престолонаследникот Симеон Втори и во Кавадарци ќе се одржува парада. Кога се разденило на 16 јуни, селото било блокирано од војска и полиција. Никој не можел да излезе, а оние што тргнувале на работа ги враќале назад.
Биле приведени младинци и девојки, кои кришум им помагале на партизаните. 12-те младинци и 4 девојки пеш биле одведени кон Моклиште, и додека фашистите барале соодветно место каде да ги стрелаат, им кажувале дека ќе ги сликаат.
Девојките биле тргнати на страна, а младинците биле изрешетани со куршуми од митралези, а потоа избодени со бајонети. Бугарските фашисти не им дозволиле на родителите да си ги погребаат децата, и ги прекриле со гранки. По војната бил организиран погреб.
Убиените младинци биле на возраст од 15 до 28 години. Перо Видев, 15 години, Ванчо Гурев, 19 години, Данко Давков, 18 години, Илија Димов, 18 години, Ристо Ѓондев, 18 години, Блаже Ицев, 20 години, Пане Мешков, 18 години, Герасим Матаков, 18 години, Ферчо Попѓорѓиев, 26 години, Васо Хаџијорданов, 28 години, Диме Чекоров, 20 години и Пане Џунов, 18 години се жртвите на незапаметениот злостор.
Вики Клинчарова