Директорката на ЈП Комуналец Неготино, Марина Бојаџиева, со писмена наредба им истакна на вработените да не доаѓаат на работа во алкохолизирана состојба, и да не пијат алкохол додека се на работа, бидејќи во спротивно ќе заработат отказ. Исто така, таа им нареди да го почитуваат и работното време и своите работни задачи.
Не е познато дали на вработени во неготински Комуналец им се случило пијани да доаѓаат на работа и дали токму такви случки ја ,,прелиле” чашата на директорката, но наредбата која е истакната на јавно место, пред просториите на ЈП Комуналец, не предизвика големо изненадување кај неготинчани. Во градот на виното и ракијата, каде речиси секое семејство произведува алкохол за домашна употреба, многумина практикуваат да испијат по некоја чашка како ,,загревање” пред работа. Утринско кафе и ракија е традиција во многу семејства во Неготино и Кавадарци.
Сепак, во одредени компании во минатото имаше и случки кога вработени на работното место консумираа алкохол и предизвикаа немили настани. Пред околу шест години во центарот на вниманието на неготинчани се најде тендерот за набавка на алкотест од страна на ТЕЦ Неготино. Апаратот вообичаено во земјава го набавуваат МВР и ЈСП поради повремена контрола на возачите на автобусите, па затоа граѓаните се шегуваа, бидејќи не е вообичаено вработени во термоелектрана да се тестираат за алкохол. Тогашниот директор на ТЕЦ Неготино, Митко Јовановски, тогаш ни изјави дека алкотестот го набавува како еден вид на превентивно средство, и како поради успешното функционирање на фирмата, чисто од завист се ваделе муабети за настани кои никогаш не се случиле, поврзани со дисциплината на вработените.
Низ градот се прераскажуваа случки кога вработени се почестиле со алкохол за време на работата и развеселени се вратиле дома, а пак сопственици на приватни фирми коментираа дека алкотестот е добра идеја која што треба да се примени во повеќе компании во Тиквешијата, позната по производството и консумирање на алкохолот.
Вики Клинчарова