Билбордите кои викендов осамнаа низ Скопје како продолжение на јавната војна меѓу градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ, партија којашто ја поддржа нејзината кандидатура, не ги нарачала Арсовска, туку владејачката СДСМ.
ОД СДСМ на прашањето на „Фокус“ дали тие се нарачатели на билбордите и колку билборди има низ градот, од партијата потврдуваат дека токму тие ги нарачале.
-СДСМ на 25 билбори во Скопје само ја покажа вистината која скопјани многу добро ја знаат, тоа се причините за кавгите во ВМРО ДПМНЕ, пари, тендери и рацете во медот, велат од СДСМ за „Фокус“.
Арсовска пак на денешниот настан кажа дека таа не стои позади билбордите, иако на нив пишува „шпицен градоначалник“, вoкабулар што таа го користеше против лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на седницата за советнички прашања во Град Скопје.
Билбордите се во сопственост на компанијата „Акцент медиа“ чиј сопственик е Филип Спасовски. Спасовски во разговор за „Фокус“ кажа дека не смее да открива деловни тајни во јавноста.
Засега нема одговор колку пари дала партијата за поставување на билбордите иако партиите добиваат пари од државниот буџет, односно граѓаните,
Билбордите со слика на Мицкоски и прашање кај е шпицниот градоначалник, во саботата осамнаа низ Скопје, а слики од билбордите беа објавени прво на социјалните мрежи.
„Пари, тендери и бизнис интереси на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ. Затоа ли се кавгите во Град Скопје. 136 милиони евра“, пишуваше на билбордот.
Кавгата меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ почна минатата недела кога таа го разреши директорот на скопски Водовод, Златко Перински и го обвини деа го местел тендерот за пречистителна станица на Вардар вреден 136 милиони евра. Речиси сите директори од партијата после кавгата си поднесоа оставки од функциите, а ВМРО-ДПМНЕ се огради од Арсовска.
Фросина Факова – Серафиновиќ