Италијанската полиција ѝ зададе тежок удар на криминална група поврзана со кланот Анџелино.
При претрес на стан во Каивано, во близина на Неапол, беше откриена неверојатна глетка – во ѕидовите беа скриени 3,2 милиони евра во готовина и 11 луксузни часовници.
Во голема операција против организираниот криминал беа уапсени 34 лица, 23 од нив завршија во затвор, додека 11 беа ставени во домашен притвор.
За време на претресот на станот во Каивано, карабињерите пронајдоа дури 3,2 милиони евра во готовина.
Парите биле скриени во ѕидовите, па истражителите морале да користат тешки чекани за да ги скршат деловите од ѕидот и да стигнат до скриените снопови.
Станувало збор главно за банкноти од 50 евра, кои биле уредно свиткани и завиткани во целофан.
Глетката што следела била невообичаена – полицајците ги изнесувале сноповите пари од станот во пластични кофи, а потоа ги префрлале во блиндирано возило.
Во истиот стан биле пронајдени и 11 луксузни часовници, чија вредност била проценета на повеќе од 127.000 евра.
Акцијата беше спроведена по повеќемесечна истрага на Директоратот за борба против мафијата во Неапол.
Според истражителите, 34 лица се сериозно осомничени за приклучување кон вооружена криминална организација од типот на Камора, трговија со дрога, изнуда и поседување дрога наменета за продажба, при што како отежнувачка околност се наведува дејствувањето со користење на мафијашки методи.
Карабињерите наведуваат дека групата е поврзана со кланот Анџелино, кој дејствува во областа на Каивано и Касорија.
Истрагата траела од 2021 година до јули 2025 година, а соработниците на правосудните органи одиграле важна улога во собирањето информации.
Токму благодарение на информациите од истрагата, истражителите дошле до сознанија за скриените пари.