Царинските власти потврдија дека 11-те камиони запрени завчера на граничниот премин „Богородица“, натоварени со т.н. РДФ-отпад, биле само дел од поголема пратка и дека додека се чекаат резултатите од испитувањата за содржината на товарот, некои камиони веќе се пристигнати во Скопје.
Осум камиони со гориво од отпад пристигнаа во царинско складиште во Скопје. Информацијата до „360 степени“ ја достави лице кое сакаше да остане анонимно, но во чиј кредибилитет редакцијата можеше да се увери. До „360 степени“ пристигна и фотографија од дел од возилата, за чиј товар нашиот извор вели дека е загрижен. Неофицијално, во нив има гориво од отпад наменето за голем индустриски капацитет во главниот град на земјата, а потеклото на пратката е од Италија.
Но, царинските власти, сепак, потврдија дека 11-те запрени камиони биле само дел од поголема пратка и дека додека се чекаат резултатите од испитувањата за содржината на товарот, некои камиони веќе се пристигнати во Скопје.
„Информираме дека увозот на 11-те камиони што ги спомнувате се дел од пратка од 42 камиона. Од споменатите камиони се земени мостри за анализа и увозната постапка е привремено запрена се до добивање на резултатите од анализите. Камионите кои пристигнуваат, во меѓувреме се сместуваат под надзор во царински склад се до конечна одлука за продолжување на постапката. Претпоставуваме дека се работи за овие камиони, бидејќи немаме други увози на цврст отпад“, велат од Царинската управа.