Сопственик на дуќан во Скопската чаршија не нападна без повод и причина, раскажуваат нападнатите новинари од ТВ Алсат

by Fokus

Телевизија Алсат објави детали од денешниот инцидент во Старата скопска чарѓија, во кој нивна екипа беше нападната од сопственик на продавница додека снимале инсерти од чаршијата. При тоа снимателот бил и и физички нападнат и се здобил со повреди.

„Екипа на ТВ Алсат денеска беше нападната додека беше на должност. Прво вербално, а потоа и физички напад се случи во Старата скопска чаршија, додека двете новинарки на Алсат Ера Ѓакова и Сара Хоџа заедно со снимателот беа на терен“, стои во објавата од ТВ Алсат.

Од телевизијата објаснуваат дека сопственик на продавница без повод и причина со остар предмет им се заканувал на новинарките и на снимателот, дури и по живот. Потоа, без повод и причина, лицето физички го нападнало снимателот, нанесувајќи му повеќе повреди на различни делови од телото.

„Си ја работевме нашата работа бидејќи новинарството многу голем дел е на терен. Снимавме на јавно место во Старата скопска чаршија без да нарушиме ничија приватност. Неочекувано ни се појави еден кој има дуќан во Старата чаршија, па сфативме дека е бербер. Почна да ни се заканува, особено на снимателот. Заканите беа – ќе те распарчам, пцовки и разни навреди. И покрај тоа што се обидовме да заминеме, лицето се врати во продавницата и излезе. Почна физички да го напаѓа снимателот, снимателот падна на земја и има повреди на различни делови од телото“, вели новинарката Ера Ѓакова.

По нападот пристигнала и полиција, но напаѓачот во меѓувреме го затворил дуќанот и го напуштил местото на настанот.

„Го пријавивме случајот во полиција, дојде полицијата и заедно со колешката Сара Хоџа, која беше таму, дадовме изјави и чекаме да одиме во полициска станица за да ги дадеме сите детали“, додава Ѓакова.

По нападот на новинарите и на снимателот на Алсат им била понудена медицинска помош. Во меѓувреме, од МВР информираат дека работат на целосно расветлување на нападот.

Фото: Алсат ТВ

Поврзани новости