Во тензична атмосфера, точно на полноќ, спикерот Талат Џафери ја прекина собраниската седница на која требаше да се гласа за имунитетот на Трајко Вељаноски.
Џафери не кажа кога седницата би продолжила, иако гласањето требаше да се изврши до полноќ.
Претходно седницата беше прекината на еден час поради пауза побарана од Елизабета Канческа Милеска. По неа пауза побара и координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, со образложение дека за понатамошната расправа му се неопходни стенограмите од говорите на дел од народните избраници, а Џафери даде само 15 минути слободно време, велејќи дека мора да се запазат роковите за носење одлука – три дена од добивањето на барањето од Судот, односно до недела на полноќ.
Координаторот Мицевски се пожали дека му е ускратено правото да побара едночасовна пауза, повикувајќи се на Деловникот. Набрзо Џафер реши да ја прекине седницата.
Барањето за одземањето на имунитетот на Велјановски, беше поднесено од страна на Кривичниот суд, кој пак, го одобри барањето на Основното јавно обвинителство, за определување мерка притвор на поранешниот спикер на Собранието, поради можност од бегство и влијание врз сведоците. ОЈО го сомничи Велјановски за делото „терористичко загрозување на уставниот поредок“, во својство на организатор на настаните од 27 април.
На собраниската седница не се појави Вељаноски, за кого спикерот Џафери рече дека бил оправдано отсутен.