Со донесувањето на решението за укинување на дозволата за основање на работење на банка, банката престанува со работа и со тоа престануваат надлежностите на Народна банка, велат од Кабинетот на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска за јавниот повик на најголемиот акционер на „Еуростандард банка“ кој побара поддршка да се повлече одлуката за стечај на банката.
-Народната банка ја укина дозволата за основање и работење на „Еуростандард банка“ АД Скопје на 12 август 2020 година, заради несолвентност на Банката, односно неисполнување минимални законски услови за работа на банка, при неостварување на преземената обврска од сопствениците за навремено обезбедување на неопходниот капитал за работа на Банката, од сопствени извори или од потенцијален инвеститор којшто ги исполнува законските услови и критериуми за акционер на банка. Согласно со законската регулатива, со денот на донесувањето на Решението за укинување на дозволата за основање и работење на банка, банката престанува со работа и престануваат надлежностите на Народната банка. Како што веќе имаме истакнато, при остварување на своите законски утврдени цели и задачи, Народната банка се води исклучиво од законите, притоа штитејќи го интересот на граѓаните, се вели во соопштението од Кабинетот на гувернерката.
Костовски пак јавно ги повика сите политички партии, сите институции, сите владини, невладини и верски организации, да дадат поддршка Народна банка на Република Македонија, да ја повлече одлуката за стечај на Еуростандард банка и да ја врати во првобитна состојба.
-Легалистите би рекле дека ваквото повлекување на стечајна постапка не е можно согласно Законот за банки. Сакам да ве убедам дека не може законот да биде над интересите на граѓаните, напиша Костовски.