Поради растот на цените на примарните производи на светските берзи и застоите во синџирите за снабдување, коишто влијаат и на останатите видови производи, инфлацијата и натаму бележи нагорни движења, како во светски рамки, така и во нашата економија којашто е во голема мера зависна од увоз, информираат од Народната банка по вчерашната редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика .
На седницата биле разгледани најновите податоци и информации за домашната и за глобалната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари..
-На седницата на Комитетот беше одлучено да се изврши дополнително зголемување на каматната стапка на благајничките записи за 0,50 п.п., до нивото од 2,5%. Понудата на благајнички записи на редовната аукција не се промени и изнесува 10 милијарди денари. Се очекува дека досегашното зголемување на каматните стапки, заедно со направените промени во стапките на издвојување задолжителна резерва во домашна и странска валута, и понатаму ќе делуваат и на каматната политика на банките преку поттикнување на штедењето во домашна валута, велат од Народната банка.
-При носењето на одлуката, особено беа земени предвид најновите движења кај инфлацијата. Во периодот јануари ‒ јуни 2022 година годишната стапка на инфлација изнесува 10%, во просек, што е повеќе во однос на последните проекции. Најголемиот дел од домашната инфлација е резултат на притисокот од увозните цени на храната и енергијата, коишто досега растат посилно од очекуваното. Овие притисоци брзо се прелеваат врз цените и на останатите производи и услуги и дополнително ги подгреваат инфлациските очекувања. Најновите податоци и очекувања на светските пазари навестуваат постепено стивнување на ценовните притисоци. Имено, за првпат по извесно време очекувањата за цените на храната се ревидирани надолу. Воедно, и кај цените на нафтата и кај цените на храната се очекува стабилизирање во втората половина на 2022 година, а потоа и нивно намалување. Сепак, неизвесноста од идните движења на цените на енергијата и храната е нагласена поради воените случувања во Украина, се вели во соопштението.