„Назначувањето на началникот на ГШ на Армијата генерал – мајор Сашко Лафчиски е согласно закон и сите прописи“.
Ова денеска го изјави министерот за одбрана Владо Мисајловски и потврди дека од страна на Антикорупциската комисија е отворен предмет за новоназначениот началник.
– Стигната е претставка, односно барање од ДКСК, ќе биде одговорено во најбрз можен рок од страна на Министерството и од стана на ГШ, исто така има доставено до претседателката, сите заеднички ќе одговориме. Но јас сакам да ве уверам дека е согласно закон и сите прописи, рече Мисајловски.
Лафчиски прашан дали го контактирале од ДКСК и кој е неговиот коментар, рече дека ова е прашање во надлежност на претседателката на државата, но и тој смета дека се е согласно закон.
– Јас, пред се, сум војник, носам униформа. Тука сум да командувам и да раководам со Армијата и да служам на Македонија. Не би коментирал никакви наредби, никакви укази од страна на претседателката, а помалку не би коментирал укази и наредби кои се согласно со закон – рече Лафчиски.
Државната комисија за спречување корупција отвори предмет во врска со назначувањето на Лафчиски за нов началник на Генералштабот на Армијата, по претставка од страна на опозициската Алијанса за Албанците која смета дека:
„Tој не ги исполнува потребните услови за позицијата, бидејќи наводно бил четири нивоа под стандардите што се бараат за позицијата, и оти неправедно и незаконски го зазел местото што му припаѓало на Албанец“.