Назабени национализми, чие второ име е – војна

by Фокус

Крвавите етнички војни како да ја потврдија аргументацијата на реалистите дека силата, а не правото е тоа што одлучува во односите меѓу народите.

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

(Белешки од годините на независноста)

Крајот на Студената војна, по падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година, беше доба на големи очекувања за мир и демократија.

Еден автор, со победата на либералната демократија врз комунизмот, го прогласи и крајот на историјата.

Согласно, познатите ставови на Емануел Кант дека демократиите не војуваат меѓу себе, пак, се прогласи ерата на вечниот мир во Европа и во светот.

Единствено нешто што не се вклопуваше во таа слика за „новиот светски поредок“, беа насилствата во Југославија.

Силата нема место во денешна Европа, ни беше речено на Конференцијата за Југославија, од страна на европски правници, дипломати и политичари, а споровите во иднина ќе се решаваат со помош на правото, значи преку праведни решенија.

Ново на европскиот континент, ни велеше Роберт Бадантер, претседателот на Уставниот суд на Франција и на Арбитражната комисија, е дека империјалистички сили веќе не наметнуваат решенија, затоа што за првпат во нашата историја живееме во Европа, во која сите држави ги поддржуваат принципите на демократијата и човековите права и слободи.

Се разбира, денес сите знаеме дека работите не испаднаа токму така: крвавите етнички војни како да ја потврдија аргументацијата на реалистите дека силата, а не правото е тоа што одлучува во односите меѓу народите.

Што се однесува до демократијата и плурализмот остана дилемата на Ричард Холбрук за добрите намери од организирање демократски избори во Босна, на кои победуваат националист, фашисти и разни авторитарни антидемократски партии.

Два месеца по отпочнувањето на борбите во Словенија и во Хрватска, во август 1991 година се свика Конференцијата на Европската заедница за Југославија.

Целта на нејзиното формирање беше да се институционализира еден заеднички форум, на кој сите заинтересирани страни на југословенскиот конфликт, со поддршката на претставниците на Европската заедница, ќе бараат решение за иднината на државата.

НАСИЛНА ДЕЗИНТЕГРАЦИЈА

Изјавите на поддршка од страна на ЕЗ-САД-СССР, пак, укажуваа на синхронизиран напор на меѓународната заедница да се поттикне процесот на мирното решавање на конфликтот.

Имено, стана евидентно дека по прокламираната независност на Словенија и на Хрватска во јуни 1991 година, и ескалацијата на непријателствата што следеше, домашните југословенски фактори веќе не се во состојба да произведат мирно решение.

Во таа смисла, Конференцијата беше еден вид одговор на неуспешниот обид на водачите на републиките, во зимата 1990-1991, да ја редефинираат федерацијата преку натамошна децентрализација на моќта.

Тој неуспех резултираше со првите манифестации на распаѓање: со закана од Словенија и Хрватска, дека во текот на летото ќе се отцепат од Сојузот и со одговорот на Србите од Краина, кои ја прокламираа својата независност и желбата за приклучување кон Србија.

Пропаѓа и обидот на Македонија и на Босна и Херцеговина да се премости јазот меѓу ставовите на Србија, од една страна, и ставовите на Словенија и Хрватска од друга, со планот „Глигоров-Изетбеговиќ“.

Загрижената и збунета меѓународна заедница се обидува да го спречи хаосот и војните, заканувајќи се дека Европската заедница ќе го суспендира Вториот финансиски протокол, како и преговорите за договор за асоцијација со Југославија. Ништо од ова не помогна.

Европската заедница, со толку многу искуство во интеграција, го немаше искуството со насилната дезинтеграција на една заедница на народи, која потклекна под ударите на непомирливите национализми.

Ова беше првото вакво искуство на ЕЗ, која безуспешно ја стави на проба својата заедничка надворешна и безбедносна политика.

Во билтените на Заедницата се дефинира мандатот на Конференција, ама тоа не ги спречи назабените национализми, чие второ име е „војна“, да предизвикаат крвопролевање.

Во документите на Заедницата беше запишано дека мандатот на Конференцијата е „…да обезбеди мирно приспособување на конфликтните аспирации на југословенските народи врз база на следните принципи: да нема унитерална промена на границите по пат на сила, да се заштитат правата на сите во Југославија и целосно да се почитуваат сите легитимни грижи и стремежи“.

ВОЈНА

Неколку дена подоцна следи изјавата на Европскиот политички комитет, во која се констатира нова ситуација во Југославија, која наложува „нови односи и структури…“, но се подвлекува дека ЕЗ е подготвена „да прифати каков било исход што е резултат на преговори водени со добри намери“.

По повод церемонијалното отворање на Конференцијата за Југославија, се усвои заедничка декларација.

Во декларацијата се истакнува дека „претставниците на Европската заедница, и на Југославија, и на нејзините републики… се собраа во Палатата на мирот во Хаг на 7 септември 1991… со заедничка цел да донесат мир во цела Југославија и да најдат трајни решенија со кои ќе се остварат нивните легитимни заложби и аспирации“.

За таа цел“, се вели натаму во декларацијата, „одлучивме да воспоставиме арбитражна комисија во рамките на Конференцијата“.

Нагласувајќи дека со тоа се „означува почетокот на преговорите за иднината на Југославија и на нејзините народи“… во декларацијата се наведува дека „решенијата мора да ги земат предвид интересите на сите што живеат таму“.

Обврзувајќи се на „мирно решавање, кое почива врз сите принципи и заложби договорени во процесот на КЕБС, учесниците ја изразуваат својата одлучност „никогаш да не признаат промена на кои било граници што не настанале со мирни средства и по пат на договор“.

Подвлекувајќи ја посветеноста на „обврските преземени од Париската повелба на нова Европа што ја гради, ја консолидира и ја јакне демократијата како единствен систем на владеење за сите нас“, учесниците на Конференцијата „свечено ја објавуваат својата волја“ да сторат сѐ што е во нивна моќ Конференцијата да се одвива во услови на мир поради што е неопходно почитување на прекинот на огнот.

Конференцијата беше раководена од лордот Питер Карингтон, пратеникот на Европската заедница за мир на Балканот.

Како што набргу ќе се види, иако нормативно сѐ беше добро осмислено за да се стаса до мирни решенија на споровите во југословенската федерација, реалните политички процеси однесоа уште една победа, која во услови на етничка хомогенизација на малигни национализми значеше само едно – војна.

(Продолжува)

Поврзани новости