Областа на Алпите минатата недела во повеќе наврати беше погодена од многу обилни врнежи, главно поради влијанието на циклоните од западна Европа и од централниот Медитеран, односно од Џеновскиот залив.
Последниот бран врнежи е забележан за време на викендот. Голем дел од Италија беше погоден од многу обилни дождови и грмотевици, по што следеа поплави. Многу обилни врнежи имаше и на северот на Италија, па во подножјето на Алпите наврнаа и до 150 милиметри дожд, со појава на поплави и порои.
Во исто време многу силен снег падна на повисоките предели на Алпите на северот на Италија. Снежната линија беше над 1000 метри надморска височина. Над 1.500 метри надморска височина, за време на викендот локално падна до метар и половина снег, а многу области буквално беа затрупани во снег. Патиштата се завеани, а постои и опасност од лавини, особено затоа што претходно веќе имаше обилен снег.