Приватниот театар Провокација, формиран од уметници кои продуцираат театарски претстави јавно реагира поради средствата кои ги доделило Министерството за култура за нивна претстава, во која требало да бидат вклучени лица од три држави.
Појаснуваат дека им биле одобрени 30 проценти од побараната сума, а следело и кратење на сумата, па прашуваат дали странските уметници треба самите да си платат превоз, сместување, но и да работат за хонорар од 300 евра.
– Театар Провокација изразува незадоволство во однос на неадекватниот третман на независната продукција и омаловажувањето на нашата улогата во креирањето на националната култура и уметност, заради последната одлука за кратење на буџетот (на веќе одобрените проекти) на Министерството за култура.
За да ја претставиме што појасно состојбата со која се соочуваме, не само ние туку и останатите приватни продукции и поединци, ќе го земам за пример и подетално ќе го образложам нашиот случај. Доделените средства на овогодинешниот конкурс на Министерството за култура, за реализација на интернационалниот проект СТИП ПОКЕР од Jean Pierre Martinez, во кои треба да работи авторски тим од три држави, се само 30 % од побараната финансиска конструкција за претставата на Театар Провокација –реагираат од театарот.
Појаснуваат дека периодов не седеле со скрстени раце, туку грчевито се обидувале да ги најдат останатите 70%, кои им биле неопходни за реализација на проектот. Контактирале неколку амбасади, европски фондации, македонски успешни компании и единственото успеале да обезбедат спонзор за изработка на костимите.
-При тоа ги испочитувавме и сите процедури за обжалување, реагирајќи со официјална жалба, бевме на состанок со шефот на кабинет во министерството за култура, пред која го образложивме проблемот, и истото не успеа да промени ама баш ништо. Со новата одлука за кратење на средствата, доделените и оскудни 30%, би требало да се скратат за уште 30%!!! Со тој остаток од доделен буџет, треба да се платат, авторски права за текст, хонорар, сместување и патни трошоци на режисер од странство, хонорари на четворица актери (од кој двајца не вработени), да се изработи сценографија, рекламен материјал, реквизита… Нашето прашање е: Дали одлуката за кратење на буџетот за независната продукција е еден вид индиција за самооткажување од доделените средства, од страна на поголемиот дел од нас (претставниците на независната продукција), со што министерството би направило поголема заштеда на средства? И дали тоа според Вас, е успешно креирање на националната стратегија за култура и уметност? Пред да се донесат ваквите одлуки, тимот во министерството, (советници, назначени комисии и сл.), мора подетално да ги погледне финансиските конструкции на одобрените проекти, да ја утврди состојбата дека таму има потреба од додавање на средства а најмалку од кратење, и истиот, да ја претстави реалната состојба, и и алармира на министерката, дека ваквиот потег е апсолутно погрешен, пред истиот да биде официјално објавен. Министерството треба да го преиспита ставот околу забраната за менување на текст и авторски тим. Би се согласиле со ставот дека авторскиот тим не треба да се менува, и дека одлуката за одобрување на проектите во голем дел се базира токму на биографиите на тие автори, но само доколку министерството ја финансира целосната финансиска конструкција на проектот. Во ваквиот случај, кога добиените средствата се повеќе од оскудни, ваквата одлука е надвор од секаква логика. Би било дрскост, навреда и вон секаква логика, како продуценти, да побараме од странски еминентни уметници, да си го платат превозот, сместувањето и дневниците и да работат за хонорар од 300 евра, во процес кој би траел цели два месеца. Се надеваме дека со образложување на нашиот случај, ви ги доближивме проблемите со кои се соочуваат сите засегнати независни продукции и поединци и дека овие конструктивни забелешки ќе Ве натераат да ја преиспитате Вашата одлука – реагираат од театарот.
Вики Клинчарова