Навални веројатно бил отруен со новичок, нервен токсин

by fokus

Рускиот опозиционер Алексеј Навални веројатно бил отруен со супстанца од класата на инхибитори на холинестераза, велат лекарите од берлинската болница Шарите, а меѓу тие супстанции спаѓа и отровот новичок, пренесува Дојче веле.

Тимот на лекари што го лекуваат Алексеј Навални објави дека на рускиот опозиционер најверојатно му е даден нервен отров.

Тоа е сè уште непозната супстанција од класата на инхибитори на холинестеразата. Случајот неодоливо потсетува на нападот врз двојниот агент Сергеј Скрипаљ во Лондон пред две години, во кој беше употребен новичок. Овој нервен токсин предизвикува верижна реакција на протеините, која, доколку не се лекува, може брзо да доведе до смрт.

Новичок го блокира производството на ензимот холинестераза – а токму тоа сега е забележано кај Навални. Холинестеразата во метаболизмот е важна за распаѓањето на невротрансмитерот цетилхолин.

Оваа супстанција има улога, на пример, во будењето или задржувањето на вниманието. Ако ацетилхолинот повеќе не се разградува, тоа предизвикува нервниот систем да биде бомбардиран со неинхибирани надразнувања.

Патеките за пренесување на сигналот во овој случај се целосно преоптоварени и се однесуваат лудо. Информациите потоа од нервите се пренесуваат на телесното ткиво, мускулите и органите, што доведува до зголемени проблеми со плунката и со дишењето, затоа што пациентот веќе не може самостојно да ги контролира респираторните мускули.

Парализата и конвулзиите може да бидат фатални ако труењето трае премногу долго. Пред сè лекарите мора да спречат пациентот да се задуши поради грчеви на респираторните мускули.

Поради тоа Навални веднаш и бил ставен на вештачка вентилација.

Како противотров, лекарите користат атропин, алкалоид што се наоѓа, на пример, во атропа беладона, отровно растение популарно познато како луда трева, волчја цреша или кучешка јагода. Атропинот практично ги зафаќа ацетилхолинските рецептори во клетките и со тоа го ослабнува ефектот на бомбардирањето со ацетилхолин.

Лечењето мора да се продолжи сè додека холинестеразата во телото не почне повторно да функционира. Затоа лекарите во овој случај обично на пациентот му даваат друга активна состојка наречена пралидоксим, за повторно да се стимулира производството на холинестераза.

Отровите на разни видови змии, инсектициди, но и бојните отрови како саринот исто така се инхибитори на холинестеразата. Лекарите користат атропин и пралидоксим и за лекување на последиците од овие токсини.

Поврзани новости