Затворениот руски опозициски лидер Алексеј Навални денеска изјави дека истражителите против него покренале, како што рече, „апсурден“ случај за тероризам поради кој би можел да биде осуден на дополнителни 30 години затвор.
Навални кој стана познат пред повеќе од една деценија со исмејување и посочување на корупцијата на елитата околу претседателот Владимир Путин, отслужува комбинирана казна од 11 години и шест месеци за измама и непочитување на судот под обвиненија за кои вели дека се фабрикувани да го замолчат.
Тој се појави денес пред судот во Москва преку видео врска, како дел од случајот за екстремизам, рекоа новинарите на Ројтерс.
Тие упатија апсурдни обвинувања според кои ми се закануваат 30 години затвор – рече тој во изјавата објавена на социјалните мрежи, од неговите поддржувачи.
– Инсистирам дека обидот за затворање на процесот за јавноста е обид не само да ме спречат да дознаам за случајот, туку и обид никој да не дознае за тоа – рече тој.
Навални посочи дека е апсурдно да се тврди дека извршил тероризам додека бил во затвор и дека случајот ќе се суди пред воен суд.