Најгласниот критичар на Путин, Алексеј Навални, верувал дека тој ќе умре во затвор, пишува тој во своите мемоари, кои ќе бидат објавени по неговата смрт.
Алексеј Навални, рускиот опозиционер, почина во февруари годинава во затвор во Арктичкиот круг, откако беше осуден под обвинение за екстремизам, додека неговите поддржувачи тврдеа дека случајот е политички мотивиран.
Опозиционерот претпоставуваше дека нема жив да го напушти затворот, се вели во неговите мемоари кои ќе бидат објавени на 22 октомври на англиски јазик, а се планира и руска верзија.
„Њујоркер“ и „Тајмс“ објавија делови од книгата.
„Остатокот од животот ќе го поминам во затвор и тука ќе умрам“, напишал Навални на 22 март 2022 година.
„Нема да можам да се збогувам со никого… Сите годишнини ќе се слават без мене. Никогаш нема да ги видам моите внуци“, додаде тој.
Смртта на Навални предизвика шок и бес низ целиот свет.
Многумина го обвинија Путин, а Кремљ само изјави дека биле информирани за неговата смрт.
Во август 2020 година, Навални беше отруен на патување во Сибир, а истрагата покажа дека бил користен нервниот агенс Новичок.
Своите мемоари под наслов „Патриот“ почнал да ги пишува додека бил на специјалистички третман во Германија.
По закрепнувањето, тој доброволно се вратил во Москва во јануари 2021 година и бил задржан на аеродромот.
Преостанатите 37 месеци од животот Навални ги поминал во затвор, а за тоа време водел дневник, кој бил објавен како дел од неговите мемоари.
„Единствено од што треба да се плашиме е дека ќе ја предадеме нашата татковина на банда лажговци, крадци и лицемери“, напишал тој на 17 јануари 2022 година.
Пасусите откриваат какво било неговото заробеништво.
„На работа седите седум часа на машина за шиење на стол под колена. После работа, продолжувате да седите неколку часа на дрвена клупа под портретот на Путин. Тоа се нарекува `дисциплинска активност`“, напишал тој.
Во текстот на Њујоркер се вели дека Навални за време на престојот во затвор успеал да испрати одредени пасуси до членовите на тимот, кои ги објавиле на социјалните мрежи.
Дејвид Ремник, уредник на списанието, напиша дека „невозможно е да се прочита затворскиот дневник на Навални без да се чувствува огорчен од трагедијата на неговото страдање и смрт“.
Во еден од пасусите, Навални пишува дека другите затвореници често го прашувале зошто одлучил да се врати во Русија.
Одговорот, пишува Навални, е едноставен.
„Не сакам да се откажам од сопствената земја, ниту да ја изневерам. Ако вашата позиција значи нешто, треба да бидете подготвени да застанете за нив, па дури и да се жртвувате доколку е потребно“.