Наумовски за Фокус: Работните групи со Бугарија отвораат можност за напредок

Суштината на критериумите за членство во ЕУ е во европските стандарди, а не во историски спорови, смета поранешниот вицепремиер и амбасадор.

by Фокус

Од новата бугарска влада може да се слушнат поумерени и конструктивни изјави, што би требало да се потврди во пракса во наредните месеци, вели за Фокус поранешниот вицепремиер за евроинтеграции и македонски амбасадор во САД Васко Наумовски. Доколку работата на новите работни групи се одвива во добра волја, според него, ќе може да има подобрување на атмосферата во билатералните односи.

-Проширувањето на темите за кои се разговара ќе отворат можност за напредок, за разлика од сегашната ситуација во која доминираат историските теми. Добрососедството и пријателството би требало да се конкретизираат преку проекти од економијата, трговијата, инфраструктурата, културата и други области кои не се оптоварени со разликите својствени за историските дискусии -посочува Наумовски.

Тој истакнува дека суштината на критериумите за членство во ЕУ е во исполнување на европските стандарди во повеќе области, а не, како што додава, во историски спорови, кои, според него, најчесто се несфатливи и за најголем број од државите-членки на ЕУ.

-Најавите за можно решавање на отворените прашања кои ги слушаме од премиерот Кирил Петков, ќе бидат предмет на усогласување со останатите коалициони партнери во бугарската влада, како и со претседателот Румен Радев, чиишто ставови не се толку умерени – оценува Наумовски.

Поранешниот македонски вицепремиер и амбасадор во Вашингтон нагласува дека дадената временска рамка од најмногу 6 месеци може да биде прифатлива доколку се искористи за нов и искрен пристап, наместо, како што потенцира, како алиби за ново одложување на решението.

В.С.

Поврзани новости