Зоран Ставрески тврди дека долгот на централната влада и јавниот долг се намалиле. Лаже, ова денеска го изјави Кире Наумов, пратеникот на СДСМ.
– Министерството за финансии на јавноста вчера и го испорача најновиот фалсификат произведен од двоецот Ставрески и Груевски. Во јули, по задолжувањето од 500 милиони евра, Ставрески, со свој потпис, ги задолжил граѓаните со нови 58 милиони евра! Заклучно со август, долгот на централната влада изнесува 41,5 проценти од БДП, а јавниот долг е над 52 проценти од БДП. Тоа е вистината – рече Наумов.
Тој вели дека Министерството за финансии сака да сокрие дека само во последните 100 дена не задолжува нас граѓаните по 6 милиони евра дневно!
– Во март 2014, Државниот завод за статистика излезе со податок дека реалниот раст на БДП за 2013, со којшто се уште се фалат, изнесува 3,1 процент. При тоа, номинална вредност, значи вкупно произведените добра и услуги според тековните цени, беше 7 милијарди и 700 милиони евра. По девет месеци, во септември годинава, Државниот завод за статистика ја корегира вредноста на реалниот раст за 2013 и ја симнува на само 2,2 процента. Логично, истовремено номиналната вредност на БДП за 2013 би требало да биде помала или евентуално иста. Но кога е потребна манипулација, логиката не функционира, па Статистика во графата на номиналниот БДП внесува дека неговата вредност е повисока за цели 400 милиони евра, или дека тој изнесува над 8 милијарди и 100 милиони евра – објасни пратеникот.
Според него, ова што го прават Ставрески и Груевски, со помош на државни институции се наводи за криминално владеење.
– За многу помали манипулации од овие, истата оваа власт филмски апси пред камери бизнисмени и сметководители. Ќе дојде момент кога власта на Груевски и сите нејзини соработници ќе одговараат за ова што им го прават на граѓаните на Република Македонија. СДСМ ќе продолжи да ги објавува вистинските бројки за јавниот долг – порача Наумов.