Наумоски ја тужи Данела Арсовска

by Fokus

Никола Наумоски, граѓански активист и шеф на кабинетот на поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов  поднел тужба за клевета против актуелната градоначалничка Данела Арсова.

Тој во изјава за „Фокус“ ги потврди информациите, додавајќи дека Арсовска на суд ќе мора да ги докажува клеветите со кои го нарушила неговиот углед.

„Данела Арсовска ќе мора на суд да ги докаже клеветите со кои го нападна мојот углед – дека сум се гоштевал по кафани со градски пари и дека не сум доаѓал на работа во нејзиниот кабинет заради боледување. Овие наводи се лесно проверливи за судот и очекувам многу брзо и едноставно да утврди дека градоначалничката е лажга и дека клеветела политички противници без докази“, истакна Наумоски.

Тој вели дека ништо од тоа што го кажала актуелната градоначалничка не е точно.

„Вистината е дека ниту сум имал можност да користам ресторани за лични цели, ниту некогаш тоа сум го направил во име на градот, ниту пак сум имал на располагање кредитни картички, картички за гориво и други слични привилегии.

 

Понатаму, кога Арсовска ме клевети дека заради боледување не се појавувам на работа (17.12.2021), истовремено го држи моето отказно решение во фиока и одбива да го потпише. Бидејќи одби да се извини за клеветата како што побарав, а со оглед на многуте објави во медиумите со кои што го наруши мојот углед, немав друг избор освен да ја предизвикам на суд и таму да ја истерам правдата“, додава Наумоски.

Арсовска овие информации за кои е тужена ги изнела на првиот брифинг со новинарите, откако седна на градоначалничката фотеља.

Ирена Мулачка

Поврзани новости