Наум Петрески: Да ми се живи вистинските пријатели, оти овде дното стана врв!

by fokus

Популарниот фолк пејач Наум Петрески го прослави својот 55-ти роденден. Со големо животно искуство, и како што вели, 35 години професионална посветеност на музиката, за ,,Фокус” раскажува дека досега доживеал многу убави моменти, но налетал и на многу намерно поставени кочници во животот и кариерата.

Со 55 години зад себе, појаснува дека ги надминал препреките со помош на вистинските пријатели, и одамна се научил да ги препознава луѓето кои имаат искрена душа.

-Го одбележав роденденот со семејството и со блиските пријатели. Кога се навраќам на минатото, на сето она кое сум го преживеал, можам да кажам дека имав турбуленции во кариерата, како и во секоја друга професија, но и на намерни кочници кои ми беа предизвикувани на секој чекор. Но, тоа не е ништо наспроти убавите моменти кои ги доживеав, а кои се овековечени со концерти ширум белиот свет, но и кај нас.

Иако имав мала поддршка од Министерството за култура и од државата, ќе кажам народски, да се живи и здрави вистинските пријатели!
Без нив ниту јас, ниту пак многу мои колеги, не ќе можевме сами да направиме толку многу песни, спотови, концерти, албуми, промоции… Тоа е реалноста.
Покрај мене стојат Комерцијална банка, Монтенегро Гостивар, а последното пријатно изненадување кое ми се случи, тоа е фирмата Еко Циркон. Без тие помагатели и спонзори, многу работи поврзани со мојата музика немаше да се случат или пак да бидат завршени-раскажува Петрески.

Додава дека од компанијата Еко Циркон, годинава добил роденденски подарок кој многу го израдувал. Му подариле професионален микрофон, од најновите модели од познат произведувач.

-Тоа се тие моменти кои ме тераат да продолжам понатаму, кога гледам дека покрај нас се уште има луѓе со големо срце, кои не само мене, туку и на многу мои колеги им помогнале. Се заложиле и за музиката и за спортот, за социјално загрозени семејства, за болни луѓе… и токму тие луѓе ја враќаат вербата во човечноста.
За жал, во ова црнило од држава се испомешаа баби и жаби, или дното стана врв, нема многу вистински вредности и ретки се тие кои ги препознаваат вистинските вредности. Поради таквите доброчинители, јас не се откажувам од својот пат – вели музичарот.


Кога се музичките планови во прашање, планирал претстојната година да направи јубилеен концерт по повод 35 години на сцената.

-Ако има простор и можност, зависи како ќе се движи ситуацијата со пандемијата, би ја заокружил кариерата и 35-годишнината и со некој концерт во 2022 година. Им го должам тоа на луѓето кои се уште држат до нашата музика, иако нивната бројка се повеќе се намалува – раскажа Петрески.

Вики Клинчарова

Поврзани новости