Пред голем број на публика синоќа во Сандански, Бугарија се одржа 30-то јубилејно издание на меѓународниот музички фестивал ,,Пирин Фолк”. Настанот на кој се пеат народни македонски песни со години наназад е доста популарен кај нашите музичари, кои во минатото имаат освоено голем број на награди за своите изведби.
Годинава, на јубилејот, како почесни гости од Македонија во ревијалниот дел настапија популарните фолк пејачи Наум Петрески и Зуица Лазова. Наум ги отпеа „Жал за Деспина“ и ,,За Милица” додека пак заедно со сопругата Зуица ги пееа „Ленче бре душо“ и „Не се фаќај Доне, Донке“. За впечатоците од манифестацијата, но и за дочекот во соседна Бугарија, со оглед на актуелните политички случувања помеѓу двете земји,
Петрески за „Фокус“ раскажува дека имале топол пречек, а организацијата била одлична.
-Со Зуица бевме дочекани топло, искрено од срце. Целокупната организација на настанот исто така беше одлична, немаше никакви тензии. Ги отпеавме песните, и драго ни е што бевме поканети на јубилејот, како почесни гости. Мене и во минатото често пати ме канеле на Пирин Фест како гостин, ова е еден убав музички настан – раскажува музичарот.
Додава дека народот треба да ја разграничи музиката од политиката, затоа што музиката ги спојува, а политиката ги разделува народите.
-Овде се слуша сто пати повеќе македонска музика отколку во Македонија. Пирин ечи од македонски песни! Мојата порака до народите во Македонија и во Бугарија, отсекогаш гласи – Да се избркаат од нашите земји сите тие што не милуваат навидум, а ни држат ножеви позади грбовите – ни изјави Петрески.
На фестивалот во Сандански во годините наназад имаат учествувано и се имаат здобиено со награди и Благица Павловска, Петар Нечовски, Јасмина Мукаетова, Благоја Грујовски, Душко Георгиевски, Стојне Николова, Милица Кузмановска, Сузана Спасовска, Марјан Коцев, Сузана Гавазова, Тајчи, дует Маротови и други. Гостуваат и музичари од регионот.
Вики Клинчарова