,,Послушајте патриоти” е последната од 12-те песни од проектот ,,Македонијо, во срце те носиме”, и е снимена во изведба на Наум Петрески и ДНК. По пет дена тие заедно со останатите изведувачи од проектот ќе тргнат низ земјава на концертен караван во осум градови.
Караванот на кој ќе се изведат обработките на патриотските песни, во изведба на наши познати музичари ќе започне на шести септември на градскиот плоштад во Штип, па ќе продолжи Битола, Велес, Прилеп, Кочани, Тетово, Кавадарци и Скопје.
„Послушајте патриоти“ е песна испеана за македонскиот деец Александар Караѓуле-Охридски, инаку и самиот автор на стиховите – сведоштво за неговите измачувања во софискиот затвор во 1892 година.
Прв пат е снимена од бардот на македонската народна музика Никола Бадев, и тоа за дискографската куќа Југотон во Белград. Во своите музички биографии ја имаат запишано и Јонче Христовски, Гоце Арнаудов… Оваа композиција во македонското музичко богатство зачувана како револуционерна, овојпат за изведбата на Наум и ДНК обработена од страна на Николче Мицевски.
Вики Клинчарова