Популарниот фолк пејач Наум Петрески завчера настапи на фестивалот на пивото ,,Prilep Beer Weekend”, а покрај него на сцената се појавија и ДНК, Бојана, како и Аца Лукас, кој беше најавен како главна музичка атракција на манифестацијата.
Изминатиот период, кога се актуелни општински манифестации, но и чести гостувања на регионални музичари во наши клубови, Лукас е редовна мета на критики од страна на јавноста, но и на нашата естрада. Чести се критиките поради неговиот животен стил, но и реакциите зошто пејачите од страна се најавуваат како главни гости, а пак нашите за далеку помали хонорари им настапуваат како предгрупи.
Кога е завчерашниот настап во прашање, Наум за ,,Фокус” појаснува дека не е првпат да ја дели сцената со Лукас. Иако не успеале после концертот да се дружат и да поразговараат, во минатото имале повеќе заеднички настапи на свадби и приватни забави, па и дружби.
-Секој музичар си е интересен на свој начин за публиката. Штом има публика, значи дека успеал да и понуди нешто кое ја заинтересирало да му дојде на настап, па така и Аца Лукас.
Јас не напаѓам никого од естрада, секој се снаоѓа како знае и умее, и нам ни тој, ниту пак било кој друг од страна ни е виновен што не знаеме да направиме држава, туку село со глуви кучиња и кучки!
Кога се општинските манифестации во прашање, каде покрај регионалните, се почесто се ангажираат и домашни пејачи, можам да кажам дека во суштина мрдна нешто малку во тој поглед, но сеуште сме далеку од суперлативи- вели Петрески.
Појаснува дека според него, во земјава нештата би се ставиле во ред и би се придвижиле напред, единствено ако имаме влада составена од политичари од напредни земји, наместо нашите, македонски.
-Решението е рушење на се што било досега и нов почеток, без македонско влијание! Влада составена од Словенци, Швеѓани, Норвежани…
Тогаш можеби ќе научиме нешто, а мислам дека и дури тогаш учењето тешко ќе ни оди. Низ историјата, долго време не не бидува, уништено е се што значи национално богатство! Преспавме многу историски промени и временски влијанија на Балканот, но и пошироко – потенцира музичарот.
Покрај него и Лукас, на фестивалот во Прилеп настапија и ДНК и Бојана. И претходните две фестивалски вечери, покрај главните музички гости од регионот, настапуваа и домашни имиња од естрадата.
Вики Клинчарова