Не се одржа турнејата на Наум Петрески, ДНК и Пајак во Австралија, која уште пред неколку месеци ја најави организаторот Република Ентертејнмент.
Според првичните најави, музичарите требаше да одржат три концерти, и тоа на први декември во Сиднеј, на втори декември во Мелбурн, и на осми декември во Перт.
Веста за концертите беше дочекана со позитивни реакции од наши иселеници, но сепак истите не се одржаа. Како што појаснува Петрески за „Фокус”, причината поради која не заминале во Австралија била доцнење на визите.
-Најверојатно турнејата ќе се одржи во април или мај наредната година. Одложена е поради доцнењето на визите – вели Петрески.
Тие не се единствени музичари кои периодов имале проблем со добивање на виза за Австралија. И популарниот Класико Бенд, кој најави турнеја во Австралија во ноември, истата ја откажа ден пред заминување, бидејќи членовите биле одбиени за виза.
За откажувањето на турнејата на Класико Бенд минатиот месец извести организаторот Арена Евентс, посочувајќи дека неочекуваното одбивање на виза од австрaлиската влада ги разочарало.
Вики Клинчарова