Науката важи за „машки свет“, но не и во Македонија!

by fokus

Светот на науката, инженерството, програмерството, математиката, воглавно важи за „машки“, бидејќи на европско, па и светско ниво, бројот на мажите во овие професии е многу поголем од оној на жените. Сепак оваа перцепција не важи и за Македонија. Нашата земја е лидер во Европа, бидејќи според извештајот на УНЕСКО од 2022 година, бројот на жени истражувачи е 53% од вкупниот број истражувачи во државата.

Нашите научнички постигнуваат успеси во кариерата во матичната земја, но и меѓународно, на истакнати универзитети и институти. Оттука улогата на жените во областите STEM, односно на науката, технологијата, инженерството и математиката, е водечка, но сепак и самите потенцираат дека политиките насочени кон зголемување на бројот на жени во овие области мора да продолжи.

АЏИСКА-МИТКОВ: ЖЕНИТЕ ГИ ПОМЕСТУВААТ ГРАНИЦИТЕ ВО НАУКАТА

Дел од овој научен свет е и нашата соговорничка, 37-годишната, спец. м-р Александра Аџиска- Митков. Таа е специјалист по Медицинска Нуклеарна Физика, вработена во Институт за Јавно Здравје, во оделението за радијациона заштита, поточно во калибрациона лабораторија.
Аџиска појаснува дека периодот кој следи е клучен за научно- технолошкиот развој.

-За периодот кој следи а и во изминатите години несомнено можеме да кажеме дека е период кој би го карактеризирале како еден од најклучните, од аспект на научно-технолошкиот развој, бидејќи сите ние сме сведоци на револуционерните откритија и дострели кои секојдневно ги постигнуваат научниците, инженерите, математичарите, програмерите, медицинарите. Позитивни примери за ова се напредоците во областа на нанотехнологијата, роботиката, градежништвото и во областа на медицината. Сите овие откритија се благодарение на областите STEM, вели Аџиска- Митков.

Таа ги посочува и поволностите кои произлегуваат од STEM областите.

-Бидејќи, STEM претставува еден интердисциплинарен пристап на учење кое во себе ги има интегрирано четирите области од кои се состои и самиот термин STEM – Наука, Технологија, Инженерство и Математика, а јас како жена инженер – поточно како специјалист по Медицинска Нуклеарна физика, оваа интеграција е од огромно значење за човештвото, бидејќи секој човек, свесно или не, секојдневно ги ужива поволностите и продуктите кои излегуваат од неа. На пример, започнувајки од основната, електрична енергија, па се до најкомплексните форми како што се Вештачката интелигенција и холограмот, самата поврзаност на STEM областите овозможува напредување во научно-технолошкиот свет, потоа стекнување на продлабочени концептуални сфаќања и развивање на знаења и вештини од областите кои се меѓусебно поврзани. На овој начин, кај луѓето кои се дел од овие области се бележи значително зголемување на страста кон учењето и напредувањето, како и желбата за решавање на проблемите со кои се сретнуваат и секако поедноставување на начинот на живот, појаснува нашата соговорничка.

Иако во нашата држава, жените предничат пред мажите научници, сепак Аџиска- Митков вели дека тие се исправени пред бројни предизвици во STEM кариерите.

-Значењето на жените во STEM е револуционерно и ова го тврдам од неколку причини. Прво, овие жени секојдневно се спротивставуваат на наметнатите традиционални сфаќања и на класичната поделба на професиите на „машки“ и „женски“ која за мене е апсурдна и сосема непотребна. Тие, со својата храброст, одлучност и решителност, ги поместуваат границите и покажуваат дека „жена – инженер, жена – програмер и жена – научник“ не е ништо помалку вредно од „маж – инженер, маж – програмер и маж – научник“.
Потоа, жените во STEM се силни двигатели на нови, иновативни идеи и изуми кои всушност претставуваат чекор напред во научно-технолошкиот развој. Како што велат, „разновидноста ја прави науката поуспешна“, така и жените ги прават STEM областите поуспешни со нивните уникатни искуства, ставови и размислувања.
Јас како жена а и останатите жените во STEM исто така претставуваат инспирација за идните генерации. Поточно, тие директно допринесуваат во одржливиот развој на земјите така што ги мотивираат идните девојки да ги одберат овие области како следен чекор во сложувалката наречена образование, потенцира Аџиска-Митков.

На крајот, како што вели, самите дела говорат за потребата и успешноста на жените во овие области.

-Со зголемувањето на бројот на девојки во STEM образованието, ќе добие поголем број на жени научнички, програмерки, инженерки, кои пак во иднина ќе можат дополнително да го забрзаат темпото и да помогнат да се надомести загубеното време во постигнувањето на одржливиот развој. За крај, би сакала само да кажам дека „значењето на жените во STEM“ е една листа која никогаш не завршува бидејќи жените секојдневно ни покажуваат и докажуваат кое е нивното значење и зошто се потребни во овие области. Нивните револуционерни напредоци, откритија и изуми говорат многу погласно за нивното значење отколку самите зборовите. Затоа, секоја држава, а особено нашата, треба да се стреми кон изедначување на родовиот јаз во STEM областите така што ќе поттикне и поддржи во иднина да имаме ПОГОЛЕМ број на ЖЕНИ – НАУЧНИЧКИ, ИНЖЕНЕРКИ, ПРОГРАМЕРКИ, МАТЕМАТИЧАРКИ.., заклучува Аџиска- Митков.

СТРУМИЧАНКАТА ВРТЕВА Е ИНЖЕНЕРКА НА ГОДИНАТА ВО СЛОВЕНИЈА

Дека научничките од Македонија се признати и ценети и надвор од државата, сведочи животната приказна на струмичанката Љупка Вртева.
Таа на почетокот на годината беше прогласена за инженерка на годината во Словенија, титула која има цел да ги инспирира младите жени да студираат во области како наука, технологија, инженерство и математика.

Вртева е раководител на проект за развој на соларна централа во енергетската компанија „Петрол“. Таа е магистер по машинско инженерство и е развоен инженер од областа на греење, вентилација и ладење на згради.
На прашањето, дали како жена се соочила со предизвици во светот на научниците, кој го сметаат за ,,машки свет”, таа вели:

-Предизвици секогаш постоеле и за жал, веројатно ќе постојат и во иднина. Сепак, тие предизвици ги гледам како мотивација за да докажам дека предрасудите можат и треба да се надминат. Со работа, посветеност, знаење и голема желба за успех, докажувам дека инженерството не е резервирано само за машкиот пол. Мојата мисија е да ги охрабрам младите, особено девојките, дека тие можат да успеат во било кое поле што ќе го изберат, без разлика на предрасудите, ни изјави инженерката Вртева.

За тоа каква е состојбата во Словенија и дали повеќето научници се мажи, како што е во поголемиот дел од државите од Европа, па и пошироко, Вртева вели:

-Во Словенија е слично како и во многу други земји во Европа и пошироко. Поголем број од научниците во областа на природните науки, технологијата, инженерството и математиката (СТЕМ) се сè уште мажи. Оваа ситуација произлегува од историските и културните предрасуди кои го поврзуваат инженерството и техничките науки со машкиот пол.
Сепак, во последните години има позитивни промени. Словенија вложува напори да ги поттикне девојките да се вклучат во науката и инженерството преку проекти како што е „Инженерка на годината“ и други иницијативи кои го промовираат придонесот на жените во техничките професии. И покрај тоа, жените се сè уште помалку застапени во инженерството, што укажува на тоа дека има простор за натамошно подобрување, појаснува нашата соговорничка.

Таа додава дека од клучно значење е младите да се воспитуваат со пораката дека не постојат машки и женски професии.

-Најважно е што ги радува и што сакаат да станат кога ќе пораснат, бидејќи само така ќе го пронајдат својот вистински пат и ќе бидат успешни во тоа што го работат, поентира инженерката Вртева.

Љупка пораснала во фамилија на музичари и економисти и сакала да биде поразлична – како дете била многу креативна, но сакала нејзината имагинација да ја претвори во нешто видливо. Вели дека токму имагинацијата ја водела и по завршувањето средно образование во Македонија, Вртева се преселила во Словенија и единствената желба ѝ била да стане инженер.
Но причина за преселбата далеку од дома е тоа што била жртва на неправдата на македонскиот систем уште во средното образование.

-Бев полна со ентузијазам и енергичен дух. Но, преку ноќ се најдов во ситуација да се борам против цел еден систем во Македонија, за да ја докажам вистината. Ми остана тој горчлив вкус и заминав, вели Вртева.

Појаснува дека кога била трета година средно сакала да полага по предметот Физика пред комисија, бидејќи не била задоволна од оценувањето на професорката, но по сите напори тоа не и било дозволено.

ЃОРГИЕВСКА МЕЃУ НАЈЦИТИРАНИТЕ НАУЧНИЧКИ

Пример за успешна жена во науката е проф. д-р Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на поранешниот претседател Стево Пендаровски. Професорката е една од најцитираните научнички од областа на стоматологијата во македонија со 1.316 цитирања и h-index 20, што според квантитет и квалитет претставува индикатор на успешна научна кариера.

Таа при одбележување на Меѓународниот ден на жените и девојките во науката, се осврна на историските успеси на жените во науката и истражувањето, посочувајќи ги Марија Склодовска Кири, Ирен Жолио Кири, Розалинд Френклин Сесилија Пејн-Гапочкин, Рејчл Карсон и нивниот придонес за развојот на науката, искоренување на болестите и подобрување на квалитетот на животот за милиони луѓе во светот.

-Притоа, тие не ги менувале само научните туку и општествените парадигми за местото и улогата на жените во образованието, истражувањето и науката. Многу од нив се соочувале со стереотипи, предрасуди и препреки. Тие го изоделе потешкиот дел од патот за наредните генерации жени да можат порамноправно да се вклучат во научната потрага по вистината. Сите ние сме денеска тука благодарение и на нивната непоколеблива верба во еднаквоста меѓу жените и мажите, истакна Ѓоргиевска.

Овој ден, кој се празнува на 11 февруари, е уште една можност да се промовира целосен и еднаков пристап и учество во науката, технологијата и математиката за жените и девојките. Родовата еднаквост е глобален приоритет за УНЕСКО, а поддршката на младите девојки, нивното образование и нивната целосна способност да ги слушнат своите идеи се основи за развој и мир.

Овој ден е воспоставен на 22 декември 2015 година со одлука на Генералното собрание на ОН да почне да се одбележува годишен Меѓународен ден за признавање на критичната улога на жените и девојките во науката и технологијата, преку Резолуцијата A/RES/70/212.

Фактите и бројките покажуваат дека иако областите во науката, технологијата, инженерство и математика (STEM) се сметаат за клучни за националните економии, досега повеќето земји, без разлика на нивното ниво на развој, не постигнале родова еднаквост. Само 33,3 отсто е глобалниот просечен процент на жени истражувачи, додека околу 35 отсто од сите студенти во областите на техничките и математички студии се жени. Ако се гледа уделот на жени истражувачи речиси во сите земји преовладуваат силни родови стереотипи и многу девојки сè уште се помалку охрабрени да делуваат во областите на науката, технологијата, математиката и инженерството и имаат ограничен избор за нивното образование и развој на кариерата. Дури и земји кои постигнале родова еднаквост, жените истражувачите сè уште се соочуваат со многу предизвици и бариери во сите аспекти на општеството. Во последните години само 22 жени добиле Нобелова награда во научна дисциплина.

Според Министерството за образование стимулативна мерка за создавање нови научници се и стипендиите за втор и трети циклус на студии во државата.  Првите стипендии беа вратени по 10тина години откако беа укинати, а вторите , оние за докторски студии од неодамна се воведени за прв пат.

Валентина ВУРМО

Текстот е изработен во рамки на проектот “Кон еднаква иднина за девојките и жените Ромки“ а е финансиски поддржан од Women’s World Day of Prayer (WWDP), German Committee и се спроведува од страна на здружението Центар за социјални иницијативи Надеж. Содржината е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не може да се смета дека гледиштата изразени во истата го одразуваат мислењето на Women’s World Day of Prayer (WWDP), German Committee.

Поврзани новости