Со нетрпение ги чекам најбитните откритија за 2022 година, во која несомнено ќе има големи научни откритија, барем според она како се одвиваат работите досега. Ќосе, Ванчо Михајлов и уште некои ликови упатуваат дека овојпат историјата ќе го добие приматот.
Звонко ДАВИДОВИЌ
Пред извесно време, „Сајанс њуз“ издвои и објави шест најбитни научни откритија во 2021 година, откритија кои, не само што ги прошириле и ги поместиле границите на научното истражување, туку и на нашата мечта.
Едно од откритијата е супермасивна црна дупка ЈО313-1806 со маса од 1,6 милијарди сонца, двојно потешка и 20 милиони години постара од претходно откриената најстара црна дупка. Оваа црна дупка е толку голема, што астрономите ги става пред голема дилема, дали првично се формирани црните дупки пред сите други небесни објекти.
Научниците во текот на 2021 година успеале да ја измерат гравитацијата на минијатурно топче со пречник од 2 милиметри и тежина од 90 милиграми, најмал објект на кој му е измерена гравитацијата. Со ова се докажуваат теориите на Исак Њутн и Алберт Ајнштајн, кои тврделе дека секој објект што има маса, произведува гравитација.
ТЕОРИЈА НА ПАЛЦИТЕ
Во североисточна Кина се пронајдени остатоци на летечки рептил птеросаурус стар 160 милиони години, кој претставува најстаро пронајдено животно што имало палци на екстремитетите. Ако се имаат предвид теориите што објаснуваат каква и колкава улога одиграле палците на рацете при формирањето на човекот и интелектот, пред научниците се отвораат нови прашања и дилеми.
Во 2021 година, научниците за првпат успеале да видат како црна дупка голта ѕвезда, и тоа со помош на мерење на гравитациските бранови што се произведени од судирот на двата небесни објекта.
До скоро, најстарата откриена ДНК била од фосил на коњ стар 700.000 години. Но, во 2021 година откриен е фосил на мамут во Сибир, а од неговиот заб е издвоена ДНК стара повеќе од милион години. Научниците сметаат дека ова откритие претставува временски максимум во кој ДНК може да опстои. Гените на овој мамут упатуваат на непознат вид досега.
Научниците многу одамна откриле дека во далечното минато постоел вид прачовек што не личел на другите , а кој имал заеднички предок со видот Homo sapiens (со нас). Тој наш далечен праисториски роднина живеел во пештерата Денисов на Алтај во Русија.
ДНК НА „ДЕНИСОВЦИТЕ“
Денисовскиот човек (homo denisova) е изумрен вид на праисториски луѓе што му припаѓале на родот homo, а и покрај тоа што не се хомо сапиенс, сепак со тој вид (т.е. со нас) имале заеднички предци. Со проучување на „денисовците“, научниците можат да ја спознаат древната структура на ДНК.
Се сметаше дека овој вид ДНК повеќе не постои, сѐ до 2021 година, кога научниците откриле дека автохтоното племе Aita Magbukon, кое живее на Филипините, во својата ДНК има околу 5 отсто од ДНК на „денисовците“. Истражувачите овие резултати ги користат за следење на движењето на нашите далечни предци.
И во Македонија се направени големи научни достигнувања во многу области, но ние ќе издвоиме 6 како најбитни достигнувања, кои можат да се мерат со светските достигнувања.
Едно од епохалните откритија е откритието од областа на криминалот и корупцијата, затајувањето, уценувањето и млатењето празна слама од партиските трибини и на социјалните мрежи. Ова откритие има и своја потврда и докажаност во пракса повеќе од триесет години, а истото гласи – што повеќе крадеш, толку помалку ќе одговараш, а ако баш мораш да одговараш, ќе се спогодиш со некои од оние со кратенките на ЈО и ќе изигруваш „глупи Август“ од сведок во судницата.
Уште едно од битните откритија е дека полесно можеш да набавиш билет за „Златна бубамара“, отколку да набавиш две шишиња зејтин. Ова откритие од областа на културата и социологијата им постави безброј прашања на научниците, кои бараат одговори, но, пред сѐ, ги мачи прашањето – зошто во време на здравствена опасност или пандемија, народот се граба за тоалетна хартија, а во време на вооружен конфликт оддалечен неколку илјади километри, се граба за зејтин. Еден од можните одговори, а кој сѐ уште се истражува, лежи во структурата на ДНК .
ОТКРИТИЕТО НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ
Откритието од областа на енергетиката и економијата е дело на еден градоначалник на една општина, кој утврдил дека струјата е скапа, па уличното осветлување го гасне од 1 до 5 часот, што има троен ефект – се штеди струја, народот се држи во темница, се зголемува наталитетот.
Доказ дека не заостануваме зад светските достигнувања во областа на астрологијата и астрофизиката е откриената црна дупка во Македонија, која е слична на онаа ЈО313-1806, но со помали димензии и слично име ЈО-СЈО-ОЈОГОКК 2015-2022. Оваа црна дупка е со голема маса и успеа да ја проголта правдата и целокупниот правен систем.
Првично, црната дупка беше крстена СЈО 2015, но по откривањето и на другите делови на црната дупка што излегоа благодарение на определени членови на стручната екипа од СЈО/ОЈО и финансиско разузнавање, полека, но сигурно се наѕира и нејзината димензија и составот.
Не помалку битно научно откритие е од областа на економијата, а заслужни за тоа се тимот експерти наречени пратеници. Тие докажаа и покажаа дека патните трошоци и оние за службени патувања можат да бидат доволни за живот и можат десеткратно да ја надминат платата. Голема е Македонија, долг е патот до работата, па големи се и трошоците, поевтино ќе беше во „Шератон“ да ги сместеа сосе семејствата.
Последното, но не и најмало откритие е како со плата од 250 евра се купуваат станови, кои чинат по 2.000 евра квадрат и како во најголемата криза, цената на становите само скока, а скока и побарувачката. Тим научници сѐ уште работи на ова проблематика и се надеваме дека наскоро ќе излезат со резултатите.
Со нетрпение ги чекам најбитните откритија за 2022 година, во која несомнено ќе има големи научни откритија, барем според она како се одвиваат работите досега. Ќосе, Ванчо Михајлов и уште некои ликови упатуваат дека овојпат историјата ќе го добие приматот.