Националните телевизии ја бојкотираат владата, но не ја известиле кои се причините

by Фокус

Владата нема официјално известување дека нејзините активности се бојкотирани од страна на националните телевизии кои се групирани во Македонската медиумска асоцијација, каде членуваат Сител, Канал 5, Телма, Алфа и Алсат- М.

-Ние немаме никакво известување за евентуален бојкот. Наша работа е да одговараме на сите прашања што ќе бидат поставени. Доколку постои такво нешто, треба да кажат самите медиуми – ни изјавија од владата.

Инаку, екипите на националните телевизии на вчерашната владина прес-конференција на министерот за транспорт и врски ги спуштија камерите и не ја емитуваа во вестите.

Се обидовме да стапиме во контакт дел од првите луѓе на националните телевизии што се дел од ММА, меѓутоа тие или беа недостапни за коментар или не одговараа на нашите повици и пораки.

Првиот човек на Агенцијата за медиуми, Зоран Трајчевски, денеска изјави дека нема официјална најава дали постои бојкот, но, истакна тој, доколку постојат одредени недоразбирања помеѓу владата и медиумите треба да се решаваат преку дијалог.

-Ние ниту сме информирани, ниту пак имаме какви било сознанија дека има недоразбирања меѓу Владата и медиумите за да можеме да реагираме, ниту имаме законска надлежност да бидеме посредници во таквите односи. Се надеваме дека медиумите ќе ја препознаат својата значајна јавна улога во општеството – изјави Трајчевски.

Вицепремиерот Бујар Османи, пак, посочи дека прашање на медиумите е како ќе известуваат и дали ќе присуствуваат на владините активности, но, според него, владата се обидува максимално да биде во коректни односи со медиумите и со регулаторот.

-Веројатно ќе има некаква комуникација меѓу институциите во овој дел, меѓутоа не би сакал како претставник на Владата да се мешам во медиумите да дадат од тоа што го правиме ние како активност. Мислам дека е во јавен интерес ова што го правиме, меѓутоа нивно е правото како ќе ги претставуваат тие настани. Се надеваме на добра соработка особено во овој предизборен период – изјави Османи.

Неофицијално, како можна причина за ваквиот однос на телевизиите кон владата се неисполнетите ветувања и изневерени очекувања во однос на одредена форма на буџетска поддршка и помош, која постоеше за време на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ преку рекламирањето, но актуелната влада на СДСМ во укина.

Поврзани новости