Петте национални телевизии ги обвинија кабловските оператори за ниско ниво на општествена одговорност, откако операторите се заканија дека нема да емитуваат ниедна домашна и странска програма додека важат законските одредби кои предвидуваат и кривична одговорност за емитување на програми без регулирани авторски права.
– Во време кога Владата апелира бесплатно да емитува информативни спотови за заштита од коронавирусот, кога сме во очекување да ги почнеме преговорите со ЕУ и кога треба да известуваме за изборните резултати, тие сакаат населението да го стават во информативен мрак. И сето тоа само затоа што од нив е побарано да престанат да крадат авторски права и да ја регулираат нелојалната конкуренција – рече Атанас Кировски од Телма.
Иван Мирчевски од телевизијата Канал 5, пак, се закани дека може може да одлучат да се исклучат од кабелските оператори бидејќи, како што рече, имаат таква опција.
-Но, да не одиме натаму, нема потреба – рече Мирчевски, додавајќи дека Законот за кабелските оператори е донесен во 2018 година, што значи дека, според него, тие имале рок од 12 месеци да се подготват.
Инаку, националните медиуми се пожалија на нелојална конкуренција, посочувајќи примери во кои тие откупиле авторски права, а кабелските оператори ја пренесувале истата содржина без авторски права, како што е случајот со Европското првенство во ракомет.