Националниот парк Галичица (НП Галичица) ќе креира ортофото мозаик на теренот во рамки на паркот преку кој ќе ги детектира сите дивоградби. Оваа техника значи снимање со дрон во низок лет на сите објекти во границите на националниот парк. За снимањето ќе бидат потребни два месеци.
Картите добиени од снимањето ќе бидат во форма на таканаречен шејпфајл (shapefile) кој ќе може да се преклопува со други документи. На пример:
шејпфајлот ќе може да се спореди со урбаниот опфат што го има општина Охрид за населбите кои се во границите на паркот. Тоа значи дека Урбаниот опфат ќе се поклопи со шејп фајлот што ќе го изработи НП Галичица и на тој начин веднаш ќе се види кој од објектите се во границите на Деталниот урбанистички план, а кои не се. На тој начин, веднаш ќе се детектираат бесправно изградените објекти, односно објекти изградени без дозвола.
НП Галичица веќе ја има набавено опремата и софтверот потребен за изработка на ортофото мозаикот и планот е на почеток на април да се почне со снимање. Целиот хардвер и софтвер потребен за овој зафат е донација од Шпанската амбасада во земјава.
Инаку, Инвентар на нелегално изградени објекти НП Галичица достави пред речиси три години, заедно со листата на приоритетни градби за отстранување. И во изминатите три години не е урната ниту една дивоградба од листата. Последно рушење на бесправно изграден објект во границите на Националниот парк Галичица е направено во далечната 2002 година.
Според информациите до кои дојде „Фокус“, на листата на приоритетни градби за отстранување има околу 30 објекти, односно викенд куќи кои се во зона на строга заштита во која не е дозволена градба. Неофицијално, меѓу сопствениците на овие куќи има и познати професори и политичари.
Во изминативе три години, не само што не е започнато рушењето, туку се градат и нови нелегални објекти, а и се врши легализација на постоечките. НП Галичица градежните активностите кои ќе ги забележи во рамки на националниот парк ги пријавува до Градежната инспекција при Општина Охрид која е надлежна истите да ги провери.
Но, во најголем број случаи, одговорот од градежните инспектори е дека иако во моментов се гради, има претходна постапка за легализација. Тоа значи дека за објектот на посочената катастраска парцела е почната постапка за легализација. До заврушување на постапката за легализација, ништо не може да биде преземено.
Но, ова е класично изигрување на Законот за легализација, бидејќи според него, право на легализација немаат новоизградени објекти, а во овие случаи е јасно констатирано дека градежните активности се одвиваат во моментов.
Катерина Смилева Божиновска