Нација од Бога дадена

by Фокус

Ми се чини дека преовладува едногласниот лелек што се слева од сите грла против огромниот криминал, кој, божем, страшно ги загрижува, ама потајно му се восхитуваат и посакуваат барем еден ден да се најдат на местото на Мијалков… Камчев… хотели, вили, фирми, јахти, бесни коли, фолк-забави во луксузниот „Мериот“.

Пишува: Ана ПАНОВСКА

Кога ли поминаа времињата кога се чувствувавме толку супериорни, па им се потсмевавме на Бугарите со нашите, во суштина, простачки и плитки досетки од типот „за една червена и чорапогашти“, и деновите кога се поигрувавме дури и сами со себе велејќи си: „Да ти се плукнам во државата на која Албанија ѝ е Запад!“

Жалосна саркастичност со оглед на тоа дека и двете држави живееја под стегата на еден суров тоталитаристички режим на Живков и на Хоџа, режим кој беше далеку од нас, од нашата лежерност и комотна слободија.

Многу пати сум пишувала дека земјите зад железната завеса кои беа принудени на дисциплинирано, послушно поднесување на тврдиот социјализам од советски тип, побрзо се приспособија на правилата на новиот економски-политички систем баш поради стравот и старата навика беспоговорно да ги почитуваат и спроведуваат законите на режимот.

Понекогаш си мислам дека нас како народ, па и како држава, длабоко нѐ оштети самоуправувањето.
Колку и да било замислено како некоја демократска, системска одредница, самоуправувањето, особено кај нас, како нова држава без претходно државничко искуство, прерасна во генетски посебен облик на граѓанско неповедение што трае до ден-денес.

ВОСХИТ ЗА КАМЧЕВ И МИЈАЛКОВ

Самоуправуваме со некадарни влади од понизок ранг повеќе од 30 години и со наакан народ од стечајско-инаетлив тип, со широко распространето, вулгарно критизерство, опасни политикантски манипулации, масовно коруптивно однесување во сите правци, неработење, пасивно одбегнување на граѓанските должности, мрзливост, завист−едно општо невоспитание на нацијата, која се замислува себеси дека е од бога дадена и дека по дифолт ѝ следува сѐ.

Ми се чини дека во таа општа какофонија преовладува едногласниот лелек кој се слева од сите грла против огромниот криминал кој, божем, страшно ги загрижува, ама потајно му се восхитуваат и посакуваат барем еден ден да се најдат на местото на Мијалков… Камчев… хотели, вили, фирми, јахти, бесни коли…, фолк-забави во луксузниот „Мериот“ на кои некој полусвет се турка да се добере и да се замеша со „елитите“ во црни костуми и долги фустани.

Овој народ не сака правна држава, ред и поредок. Сѐ уште се надева дека во ваква растурена држава ќе се најде нешто и за него, да се огребе со нешто, макар и нешто ситно, колку „жеља да га мине“!

Колку и да изгледа еднострано, во овој момент единствено на видело ги гледаме криминалите на ВМРО-ДПМНЕ.
Не во списите, обвиненијата, пресудите…туку насекаде околу нас. Како материјални докази повеќе од доволни се приложените градби и споменици од СК 2014.

За ефектите од криминалите на СДСМ ќе почекаме да се пројават во промет како видливи недвижности, како зделки кои го заматуваат здравиот памет, како проекти во ветар и магла од кои ништо не се добило за граѓаните на оваа држава.

КАМЕНОТ ЌЕ ИМ СЕ ВРАТИ

Ќе се види. Ништо не останува невидено. А, за криминалите на ДУИ најкомпетентно е, сепак, мислењето на ВМРО-ДПМНЕ чија влада 11 години „беше раководена од ДУИ“.

Оваа фраза, преземена од вокабуларот на ВМРО-ДПМНЕ (владата на ДУИ И СДСМ), со која се подбуцнуваат и се стрват македонските граѓани против Албанците е чисто авторство на Мицкоски и дружината, кои не знаат дека тој фрлен камен ќе им се врати токму во нивниот двор.

Вмровсково раководство можеби и прави некаква разлика меѓу ДУИ, БЕСА, Алијанса… но за обичниот Македонец таа разлика не постои.

Сите се едно – Албанци. И, како многупати досега, и овојпат ВМРО-ДПМНЕ повторно, малку подзатскриено, гадно си игра со подгревањето на меѓуетничката тензија, надевајќи се дека со таквиот наратив, кој за нив беше добитничка комбинација во неколку изборни циклуси, конечно ќе се добере до власт.

Добро, можеби и ќе се добере, ама нема да ја дофати! Тоа е реалноста. Овој народ, колку и да е вљубеник во ВМРО-ДПМНЕ, затруен, огорчен и кратковид, сепак е претпазлив.

Насетува како може да заврши нашата европска приказна доколку итно не ги започнеме преговорите со ЕУ.

Во тој случај, најоптимистичката варијанта е ние и натаму да си тапкаме во место со таа погодност што Албанија, како наш сосед, ќе рипне неколку копја над нас, ќе влезе во ЕУ и за нас вистински ќе стане земја од развиениот Запад која, како и другите земји од ЕУ, ќе ни се најде во зловреме.

А, другата варијанта? Не кажувам, се плашам да ја изговорам. Нека ја каже некој друг.

Поврзани новости