НАТО започна годишна вежба за одбрана на европската територија со нуклеарно оружје.
Вежбата ќе трае до 26 октомври, а годинава место на вежбата е воздушниот простор над Италија, Медитеранот и Хрватска.
Во текот на следните две недели, во редовната вежба ќе бидат вклучени 60 авиони, вклучувајќи модерни борбени авиони, извидници и танкери, како и бомбардери со долг дострел Б-52.
Оваа година на вежбите ќе учествуваат 13 земји членки на алијансата, меѓу кои и Германија.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг минатата недела објави дека руската војна против Украина всушност е потсетник за важната улога на нуклеарното оружје.
Оваа вежба, наречена „Постојано пладне“ ќе помогне да се обезбеди кредибилитет, ефективност и безбедност на нуклеарното одвраќање.
НАТО посочува и дека оваа вежба не е одговор на руските напади врз Украина и дека за време на вежбата нема да биде употребено борбено оружје.
Според експертите, овие вежби вклучуваат вежбање како безбедно да се транспортира американското нуклеарно оружје од подземни складишта до авиони и безбедно да се качи под борбени авиони. За време на тренажни летови, авионите летаат без бомби.
Минатата година НАТО првпат најави почеток на вежбите. Во круговите на алијансата тоа се оправдува со фактот дека целта на овие вежби е уште посилно да се покаже дека НАТО е добро подготвен дури и за најлошите сценарија, како што е нуклеарна војна.