НАТО утре официјално ќе го номинира холандскиот премиер Марк Руте за свој лидер, дознава Франс прес од дипломатски извори.
Амбасадорите на 32-те земји членки на НАТО треба да ја потврдат таа номинација на состанокот на Северноатлантскиот совет, порачаа неколку дипломати во Брисел.
Патот за Руте беше отворен минатата недела по повлекувањето на кандидатурата на романскиот претседател Клаус Јоханис.
Се очекува Руте (57) да ја преземе функцијата генерален секретар на НАТО на 1 октомври, кога ќе го замени Норвежанецот Јенс Столтенберг, кој беше назначен во 2014 година и чиј мандат беше обновен четири пати.
Руте ќе ја води Алијансата во свет полн со политичка несигурност од двете страни на Атлантикот и со Украина во војна. Освен со конфликтот во Украина, тој би можел да се соочи и со новото претседателство на Доналд Трамп доколку американскиот милијардер, кој е многу критичен за улогата на НАТО, се врати во Белата куќа по изборите во ноември.