НАТО соопшти дека е многу разочаран од вчерашните акции на косовската полиција на северот на Косово, која, како што беше речено, не била координирана со КФОР и покрај постојаното ветување дека тоа ќе го сторат.
-Потребна е деескалација и целосен ангажман во дијалогот со ЕУ, напиша портпаролката на НАТО Фара Даклала на платформата Х.
Во соопштението се наведува и дека КФОР е целосно подготвен да го задржи својот мандат врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН за сите заедници на Косово и Метохија.
Косовската полиција вчера упадна во зградите на привремените власти на Владата на Србија во Лепосавиќ, Косовска Митровица, Звечан и Зубин Поток, како и во болничкото одделение на КБЦ Косовска Митровица, зградата во која се наоѓаат просториите на Фондот на ПИО, просториите на Канцеларијата на Министерството за правда, Управниот округ Косово-Митровица и Центарот за социјална работа.
Постапката на Приштина ја осудија мисијата на ЕУ во Приштина, како и американската амбасада и амбасадорите на Германија, Велика Британија и Франција.
Американскиот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања Џејмс О’Брајан побара од привремените институции на Приштина, Албин Курти, да престанат со некоординираните и провокативни акции, кои, како што рече, „негативно влијаат на партнерството“ меѓу САД и Приштина.