НАТО распоредува дел од своите сили за брз одговор на копно, море и во воздух во источна Европа, соопшти генералниот секретар на Алијансата на прес-конференцијата вечерва во седиштето во Брисел, по состанокот на претставниците на НАТО.
-Ги распоредуваме силите за брз одговор на НАТО за прв пат во контекст на колективна одбрана. Зборуваме за илјадници војници. Зборуваме за воздушни и поморски способности. Имаме сили со висока подготвеност, силите за одговор на НАТО, и затоа ги распоредуваме. За да спречиме какво било недоразбирање дека не сме подготвени да ги заштитиме сите сојузници – рече Јенс Столтенберг.
Тој додаде дека безбедносниот блок веќе ја зајакнал одбраната и дека САД, Канада и европските земји веќе распоредиле илјадници војници во регионот.
-Повеќе од 100 борбени авиони сега оперираат на 30 одбранбени локации во Европа, придружени од повеќе од 120 бродови и три групи носачи на авиони – истакна Столтенберг.
Тој порача дека силите ќе го бранат „секој сантиметар од територијата на НАТО“, ветувајќи дека ќе продолжат да нудат поддршка на Украина, како и на другите нации во регионот загрозени од Русија – вклучувајќи ги Грузија, Молдавија и Босна.