САД и другите сојузници на НАТО ќе испратат десетици системи за противвоздушна одбрана во Украина во наредните месеци, вклучувајќи најмалку четири моќни системи Патриот, според новиот заеднички договор. Овие системи се очајно потребни на Киев за да се бори против напредувањето на Русија во војната.
„Денеска објавувам историска донација на противвоздушна опрема за Украина. САД, Германија, Холандија, Романија и Италија ќе ѝ обезбедат на Украина опрема за пет дополнителни стратегиски системи за противвоздушна одбрана“, рече Бајден на отворањето на Самит на НАТО во Вашингтон.
Покрај тоа, Бајден рече дека во наредните месеци САД и другите земји ќе обезбедат десетици други тактички противвоздушни системи и муниција за нив.
Другите сојузници, вклучувајќи ги Канада, Норвешка, Шпанија и Обединетото Кралство, ќе обезбедат голем број други системи за да и помогнат на Украина да ја прошири својата покриеност. Овие системи вклучуваат NASAMS, HAWKs, IRIS T-SLM, IRIS T-SLS и Gepards. Другите нации, исто така, се согласија да обезбедат муниција за нив.
Ова беше соопштено на отворањето на самитот во аудиториумот Мелон, каде за прв пат беше потпишан Северноатлантскиот договор за основање на НАТО во 1949 година.
Бајден и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг зборуваа за важноста на алијансата и потребата да бидеме обединети во поддршката на Украина.
„Рускиот претседател Владимир Путин не сака ништо помалку од тоа „да ја избрише Украина од мапата. И знаеме дека Путин нема да застане во Украина. Но, Украина може и ќе го запре Путин“, рече Бајден.