Европската унија и НАТО го осудија насилството во северно Косово и нападите врз патролата на мисијата на ЕУ за владеење на правото (ЕУЛЕКС).
„Ваквите напади се неприфатливи и одговорните треба да одговараат за ова“, напиша на Твитер портпаролката на НАТО Оана Лунгеску
We join #NATO Allies & the #EU in strongly condemning the stun grenade attack on a @EULEXKosovo reconnaissance patrol last night. Any such attacks are unacceptable & those responsible must be held to account.
— Oana Lungescu (@NATOpress) December 11, 2022
Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на Европската унија, Жозеп Борел изјави дека ЕУ нема да толерира напади врз ЕУЛЕКС.
Мисијата на ЕУЛЕКС соопшти дека синоќа на северот на Косово, кај Рудар, каде што се поставени барикадите, била нападната извидничка патрола на ЕУЛЕКС со шок бомба, но нема повредени.
Од ЕУЛЕКС потврдуваат дека „синоќа во близина на Рудар била фрлена шок бомба врз извидничка патрола на ЕУЛЕКС“.
Косовската полиција соопшти дека синоќа од различни локации во три случаи било пукано врз полициски единици кои биле на службена должност во близина на браната на езерото Газиводе.
Претходно, косовската полиција соопшти дека од безбедносни причини, додека биле блокирани патиштата, затворила два гранични премини на северот на Косово кон Србија, Јариње и Брњак.
На патиштата на северот на Косово, локални жители, меѓу кои имало и маскирани лица, вчера околу 16 часот ги блокирале патиштата со камиони.
Барикадите беа поставени откако косовската полиција во саботата наутро на граничниот премин Јариње го уапси Дејан Пантиќ, поранешен припадник на косовската полиција, поради основано сомневање за вмешаност во организирање напади на канцелариите на Централната изборна комисија и напади врз полицајци на ЦИК и Косово во вторникот во Северна Митровица и Зубин Поток.
Косовската полиција посочува дека блокади на патишта главно имало на некои патни правци, вклучително и магистралните патишта на општините Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток, со што е нарушена и оневозможена слободата на слободното движење на граѓаните и стоката.
Претходно, претседателката на Косово, Вјоса Османи, соопшти дека ги одложила вонредните избори во четири општини на северот на Косово, закажани за 18 декември, за 23 април 2023 година, поради немање безбедносни услови за нивно одржување.
Инциденти се регистрирани во Северна Митровица и Звечан во последните денови поради подготовките за одржување на специјални избори во четири општини со српско мнозинство на северот на Косово, откако српските претставници ги напуштија косовските институции, вклучително и полицијата и судството, поради одлука за регистерските таблици.