„Мирот никогаш не можеме да го земеме здраво за готово, но не гледаме никаква непосредна воена закана за Алијансата“ порача денеска од Брисел генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„НАТО продолжува да гарантира дека нема простор за погрешни калкулации во Москва околу нашата подготвеност да ги заштитиме сите сојузници“ истакна Столтенберг.
Тој потенцираше дека зајакнувањето на способноста на НАТО за одвраќање и одбрана бара снабдување со ресурси за одбранбените планови и зајакнување на трансатлантска одбранбена индустриска база.
„Очекувам 18 сојузници да потрошат два отсто од својот БДП за одбрана оваа година. Во 2024 година, европските сојузници на НАТО ќе инвестираат вкупно 380 милијарди американски долари во одбраната. Првпат тоа изнесува 2 отсто од нивниот вкупен БДП. До крајот на 2024 година, европските сојузници и Канада ќе одвојат повеќе од 600 милијарди долари за одбрана. Имаме уште да сториме, но веќе направивме историски напредок“ – оцени Столтенберг.
Тој додаде дека на средбата станало збор и за зголемување на производството на муниција, надополнување на залихите и продолжување на поддршката на Украина,
„Треба да се префрлиме од бавното темпо на мирновременски услови, кон производството со високо темпо што го бара конфликтот. За да го направат тоа, на производителите им требаат потпишани договори, а само во изминатите неколку месеци НАТО склучи договори во вредност од десет милијарди долари. Ова и помага на Украина. Тоа го прави НАТО посилен и обезбедува повеќе висококвалификувани работни места во Европа и Северна Америка“ – рече Столтенберг.