Министерката за одбрана Славјанка Петровска потврди дека имало реакција од НАТО во врска со инцидентот што се случи во М-НАВ, кога група на чело претседателот на партискиот огранок на ДУИ во Чаир, Беким Незири упадна во зградата на контролата за летање и нападнаа неколку лица.
-Кога зборуваме за НАТО да не заборавиме дека и ние сме во НАТО. Комуникацијата која ја имаме на секојдневна основа, но на различни нивоа, дека биле поставувани прашања во рамки на тоа што се случува асполутно, да. Официјална писмена реакција, барем до Министерството за одбрана нема. Меѓутоа, секој вид на комуникација ние го сметаме можеби не за загриженост, туку за заинтересираност за тоа што се случува што е сосема легитимно. Во тој момент на тој ден, на аеродромот во Скопје слетаа два авиона од НАТО-земји членки со определна намена, така што јасен е интересот на земјите членки на НАТО кои што го изразуваат ова. Многу е важно, кога што и да се случи како оваа ситуација во М-НАВ, да постои реакција и да постои соодветно постапување. Владата го заврши својот дел од задачата, ги разреши директорите за кои сметаше дека недоволно добро ја менаџирале институцијата. Сега ги повикуваме во интерес на граѓаните и јавноста ги останатите институции да го завршат професионално и без никакво влијание својот дел од работата, рече денеска Петровска на новинарско прашање.
Таа потсети дека уште минатата недела за случувањата во М-НАВ имала консултација со премиерот и оти кажала дека компромис со безбедноста на македонското небо не смее да има. Тоа вели го покажала и вчерашната седница на Влада со предлогот даден од страна на премиерот за разрешување на директорите и поставените нови директори на нивно место.
Петровска му порача на Кривичниот суд посериозно да ја сфати ситуацијата со упадот во М-НАВ и да ја преиспита одлуката според која на осомничените им беа определени мерки за претпазливост наместо притвор.
-Лично јас не се сложувам и мислам дека ќе треба да си ја преиспитаат одлуката. Не сакам апсолутно да влијаам на одлуките од позиција на министер за одбрана, меѓутоа целата оваа ситуација ќе треба посериозно да ја сфатат. Ќе имаат веројатно дополнително време, убедена сум дека извршните органи или МВР одлично ќе си ја заврши и ја заврши до тука својата работа. Меѓутоа треба да се има предвид целокупното законодавство во РСМ, но и меѓународно преземените обврски, рече Петровска.