Северноатлантската алијанса (НАТО) денеска соопшти дека безбедносната ситуација на Косово се уште е нестабилна, а за евентуалното членство на Косово во НАТО или во програмата Партнерство за мир е потребен консензус од сите членки, во кој нема напредок за Приштина.
Како одговор на прашањето на РТВ21, НАТО наведува дека КФОР продолжува да го спроведува својот мандат, врз основа на резолуцијата 1244 на Обединетите нации, и придонесува за безбедна и стабилна средина и слобода на движење за сите луѓе и заедници кои живеат на Косово, во секое време и непристрасно.
„Во моментов постојат тензии и нестабилност, особено на северот на Косово, што бара зголемување на трупите на КФОР од мај 2023 година. Ги охрабруваме институциите во Косово конструктивно да се вклучат во дијалогот, со посредство на ЕУ, со цел да се помогне во консолидацијата на безбедноста во регионот на Западен Балкан“, објави Алијансата.
Алијансата потсетува дека НАТО има политика на „отворени врати“, но за членство е потребна согласност од 32 земји-членки и нема напредок на овој план кога е во прашање Косово.
Во одговорот се потсетува дека НАТО го помага развојот на безбедносните организации на Косово, што вклучува градење капацитети, координација на образованието и обуката.