Секретарот на организацијата Цар Борис Трети, охриѓанецот Христијан Пендиков (21), за чиј случај со остри реакции се огласи бугарското МВР, опишувајќи ја кафеанската тепачка во која тој бил повреден како тешко криминално дело, извршено врз граѓанин на Република Северна Македонија со бугарска самосвест и секретар на организацијата „Борис Трети“ во Охрид, всушност се степал со тројца свои сограѓани поради претходни лични недоразбирања.
Како што дознава ,,Фокус” од очевидци, Христијан седел во ресторанот на познат хотел на кеј Македонија, кога таму влегле три лица од Охрид, со кои во минатото имал недоразбирања, и тој започнал да им дофрла навредливи зборови.
Според нашите извори, најверојатно и тој, но и лицата кои се степале со него биле под дејство на алкохол, и не станувало збор за тепачка поради омраза поради неговата бугарска самосвест или политика, туку поради приватни настани од минатото. Но, како што раскажуваат охриѓани, секретарот на клубот Цар Борис Трети бил познат во градот како личност која и во минатото имала проблеми со законот.
Како потсетување, минатиот месец против него беше поднесена пријава поради основано сомнение за сторено кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори и од него беше одземен кокаин. Настанот се најде и во дневниот билтен на СВР Охрид.
-Се работи за вербална расправија во ресторан, која надвор од објектот премина во меѓусебна тепачка, поради недоразбирање кое нема допирна точка со самоопределбата на секретарот, ниту пак поради наводна омраза кон Бугарите- појаснуваат охриѓани.
Од СВР Охрид изјавија дека за настанот е известен јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот, по што ќе следува соодветна пријава. Иако истражните органи се уште официјално ја немаат завршено истрагата, од бугарското МНР најавија дека ќе испратат протестна нота до нашата амбасада во Софија, поради насилство од омраза против Бугари во Македонија.
Вики Клинчарова