Наташа Величковска: Бившото момче ме малтретира, три години живеам како во затвор

by Fokus

Текстот е објавен на 18-ти април 2014-та во неделникот „Фокус“ во бројот 967

Пред само десетина години, насилството врз жените во земјава се сметаше за приватна работа која се случува зад затворените врати на домот. Секоја трета жена во Македонија е жртва на психолошко малтретирање, додека секоја петта е жртва на физичко насилство. Барем така покажуваат статистичките податоци.

Ретко некој се интересира или, пак, се зафаќа со решавање на проблемите на тепаните, без право на глас и свој избор, на илјадниците жени, кои со преоѓањето на куќниот праг, зачекоруваат во атарот на пеколот. Од насилство не куртулиле ниту јавните личности, ниту, пак, обичните смртници, само што во секој случај надлежните институции различно постапуваат, во зависност од тоа – кој е од другата страна?

Во Македонија на прсти можат да се набројат неколку случаи на јавни личности, кои, поради семејни проблеми, љубовни афери и семејно насилство, беа повлечени од своите функции. Пред две години, шефот на државата, Ѓорге Иванов, го разреши соработникот Ејуп Бериша, вработен во неговиот кабинет, откако тој од Кривичниот суд доби условна казна од три месеци до една година за семејно насилство врз неговата сопруга. Иванов само кратко изјави: „Нема место во кабинетот за осуденици за семејно насилство“.

Во јавноста пред една година гласно одекна и скандалот со ексамбасадорот во Австралија, Перо Стојановски, за неговата љубовна афера со Лидија Думбалоска. Таа дури беше обвинета дека наводно го уценувала Стојановски со лаптопот што му го украла. По некое време дојде до пресврт во ситуацијата. Таа беше ослободена од сите обвиненија, додека ексамбасадорот беше експресно вратен во Македонија без некое посебно објаснување. Сè уште останува енигма – која е причината за таквиот пресврт на настаните?

Тука се навраќаме на главната поента – зошто жените не можат да се спасат од „насилниците“ кои им го загорчуваат животот, им го уништуваат семејството и зошто „благодарение“ на нив постојано живеат во страв – што ќе им донесе наредниот ден? Дали вината е во самите нив или, пак, во одредени случаи, надлежните институции ја „губат“ моќта?

ЖИВЕЕ ЖИВОТ КАКО НА ХОРОР-ФИЛМ

Претпоставувам, се сеќавате дека пред емитувањето на секој филм на телевизија, во најавата пишува: „овој филм не е за деца под 16, 14 или 12 години“. Иако овде не станува збор за филм, сепак, тригодишната голгота што ја поминува 44-годишната Наташа Величковска од Крива Паланка наликува токму на филмско сценарио со хорор-содржина.

Таа тврди дека сè почнало со тримесечна врска, а завршува со тригодишно тепање, малтретирање, закани, психолошки терор и со тоа – дали ќе го преживее денот што доаѓа? Величковска објаснува дека оваа кратка врска ја обележува нејзината понатамошна судбина, ѝ го претвора животот во пекол и ја става во затвор од кој засега нема излез.

Таа ја прекинува врската, но станува цел на следење, напади и тепање од поранешното момче.

Секој ден седам дома како во затвор и не смеам да излезам затоа што тој ме следи постојано. Нон стоп со службениот автомобил е пред мојата куќа и ме чека да излезам. Ви се верува ли дека и по четири месеци не излегувам од дома. Овој терор повеќе не можам да го издржам. Само што ќе ме види, почнува да ме тепа, ме влече за коса, ме напаѓа. Имам еден куп слики каде што сум целата со подливи и модринки. Не можам да си дозволам приватна тужба затоа што немам пари за адвокат – раскажува за „Фокус“, Величковска.

Според неа, сето тоа се случува пред очите на нејзиното малолетно синче, кое има само седум години.

Му се случува да дојде кај мене дома, да заѕвони на врата и веднаш почнува да ме тепа, иако таму е присутно моето дете. Не знам што повеќе да правам, ми го претвори животот во пекол. Никој не може да сфати како ми е мене овие три години. Ако седнам во кафуле со другарките, доаѓа таму и пред нив почнува да ме малтретира. Ниту смеам да излезам, ниту да се дружам со некој – објаснува 44-годишната кривопаланчанка.

Таа во септември лани го пријавила бившото момче за киднапирање, силување и за тепање. Работата стигнала и до кумановскиот Кривичен суд. Сепак, нејзиниот пат дотаму се одвивал како филмска сцена.

Се качив во автобус и тргнав на судењето кое беше закажано во кумановскиот суд. Тој цел пат ме следеше, ми праќаше заканувачки пораки и јас бев присилена да се симнам, да се качам со него во автомобил и заедно да одиме дотаму. Од страв морав да ја повлечам и тужбата против него за силување и киднапирање. Не знам како да се избавам од пеколот во кој живеам? – револтирано раскажува Величковска.

„Фокус“ располага со сите документи, пријави до полицијата, извештаи од специјалисти, лекарски уверенија, кои документирано го покажуваат целиот терор низ кој поминува таа.

Повредена во тепачка, удирана со боксови, влечена по земја, влечена за коса, удирана по главата, по телото, нозете и по рацете, со подливи и модринки по целото тело – се наведува во лекарскиот извештај од 8 ноември 2012 година.

Таа само за два месеца, поранешното момче го има пријавено околу десетпати во полиција. Во секој полициски извештај детално ги има опишано случувањата, од насилното влегување во нејзиниот дом, па до сите малтретирања што ги претрпела. За еден од многуте пријавени случаи тој бил осуден и на парична казна од 1.000 евра.

ЈА УЦЕНУВА СО ВИДЕОКЛИП

Полека доаѓаме до делот – дали институциите си ја вршат работата како што треба и која е причината што поранешното момче на Величковска ја чува како заложничка во сопствениот дом? Дали некој го штити? Немоќна е државата или толку е моќен нејзиниот поранешен?

Но, да почнеме по ред. Според нејзините тврдења, тој е вработен во општината во Крива Паланка и му е десна рака на градоначалникот Арсенчо Алексоски.

Тој работи во општината и постојано се фали дека е под заштита на градоначалникот. Мислам дека со ваквото однесување само повеќе проблеми му прави и нему, но не ми е јасно зошто го штити? Се прашувам кој му дозволува со службениот автомобил по цел ден да ме следи. Јас неколкупати реагирав и до градоначалникот, да разговара со него за ситуацијата да се среди – истакна Наташа.

„Фокус“ се потруди да стапи во контакт со првиот човек на Крива Паланка, но не успеавме да го добиеме на неговиот мобилен телефон. Пред некое време, откако Величковска на нејзиниот фејсбук-профил, исто така, објави дека бившото момче е под заштита на градоначалникот, таа доби повратен одговор од Алексоски. Тој тврди дека не може да се меша во нивните љубовни проблеми, туку за тоа таа треба да се обрати до надлежните институции.

Сепак, тука не завршува нејзиниот терор. Пред неколку недели таа добила смс-порака, во која поранешното момче ѝ се заканува дека, наводно, ќе објави видеоклип ако не ја продолжи врската со него.

Ми се заканува дека ќе објави некое видеоклипче и дека цела Македонија ќе ме гледа и ќе ми се смее. Не можам никако да ја истерам правдата затоа што мене нема кој да ме заштити. Татко ми е болен, а, што е најжално, моето синче секојдневно е сведок на сè низ што поминувам. Од мали нозе има трауми – вели 44-годишната кривопаланчанка.

Величковска останува на ставот дека е решена да оди до крај бидејќи повеќе не може да издржи. Таа истакна дека нема намера да дозволи повеќе со неа да владее стравот и дека планира приватно да тужи.

Овој пример е само еден од многуте во Македонија. Многу од жените, кои се жртви на насилство, не знаат каде да се обратат и од кого да побараат помош. Понекогаш вината е и во дел од нив затоа што трпат и не реагираат, но понекогаш надлежните институции едноставно молчат и не си ја вршат работата

ВО ЕВРОПСКИТЕ ЗЕМЈИ СЕКОЈА ТРЕТА ЖЕНА Е ЖРТВА НА НАСИЛСТВО

Во државите на Европската унија, секоја трета жена била жртва на телесно или на сексуално насилство. Ова произлегува од истражувањето на Агенцијата за основни права на Европската унија (FRA) во Виена.

Според студијата, 62 милиони жени во ЕУ биле жртви на насилство. Истражувањето доаѓа до заклучок дека, во просек, меѓу 20 жени, една веќе била силувана. Дел од нив доживеале телесно или сексуално насилство од сопствениот партнер.

Според студијата, телесно насилство е кога жените се тепани, влечени за коса, туркани или удирани со цврсти објекти. Сексуално насилство, пак, значи силување или обид за силување.

 

Поврзани новости