Реформата е што е можно повеќе учениците да бидат во училиштата за да стекнуваат на различни начини што повеќе знаење, а наставниците да станат функционални во однос на знаењето, компетенциите и вештините на учениците.
Вака денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска во еден дел ја објасни новината за воведување на едносменска настава каде што учениците и наставниците од шесто до деветто одделение ќе остануваат најмалку шест часа на училиште.
-Ова е цела една стратегија. Општо е познато дека ние во земјата имаме вишок на наставници, а сè помалку деца. Но, не велиме дека тие се вишок, нам ни требаат наставниците за да го подигнат квалитетот на знаењето. Ние сме последни на сите меѓународни тестирања и домашните тестирања покажуваат дека нашите ученици доцнат многу во однос на нивните врсници во Европа каде што ние се стремиме – рече Јаневска.
Објаснувајќи ја новината, министерката рече дека учениците нема цел ден да бидат над книга, туку идејата е да се спроведе нешто што функционира во високоразвиените земји и учениците да добиваат повеќе знаење.
-Учениците и да ги ислушаат лекциите, екс катедра лекции веќе никаде во светот нема, интерактивно да го совладаат материјалот, ако имаат домашна во вид на истражување, проектна задача да го завршат тоа, да имаат многу спорт, да имаат многу информатика, да имаат претприемништво, да имаат физичко, значи се она што им е потребно за реално да влезат во животот за којшто се подготвуваат, но и да научат критичко мислење, она што им недостасува на нашите деца, да научат решавање на проблеми, мирно решавање на проблеми, препознавање на проблеми од типот булинг, препознавање и прифаќање на различности – изјави Јаневска.
Сето тоа, како што додаде министерката, досегашниот образовен систем не го овозможил и затоа сметаат дека е потребно наставниците повеќе да се ангажираат. Според неа, и на децата нема да им биде тежок дополнителниот престој во училиште затоа што ќе имаат, како што рече, и паузи, разговори, слободно време и време за одмор.