Поголема група наставници попладнево се собра пред седиштето на СОНК за да го покаже револтот против одлуката на лидерот Јаким Неделков за ставање на штрајкот во мирување. Порачаа дека не им се битни процентите за кои, како што рекоа, се ценка Неделков, туку достоинството и Колективниот договор.
-Вечерва сме спонтано собрани бидејќи господинот Неделков постојано бараше поддршка од нас и сам изјави колкав дел од синдикалите организации се за штрјакот да продолжи и денеска одеднаш се носи нова одлука за која членството не е информирано. Должен е да дојде овде и да ни објасни зошто ја промени одлуката и зошто секогаш сме на маргините на општеството и сме маргинализирани, изјавија наставници кои протестираа.
Тие побараа Неделков да престане да ги споменува тие 18 отсто покачување за кое се „ценка“.
-Нас не ни се битни тие 18 отсто. Наша прва работа зошто тргнавме во штрајк е донесување на нов Колективен договор, велат наставниците.
Во однос на тоа дали утре ќе продолжи наставата, велат дека оние деца кои ќе дојдат во училиште, нема да бидат вратени.
-Ние никогаш не ги затворивме вратите за децата. Сите оние кои не се членови на СОНК и не се во штрајк, држеа настава. Се работеше за тоа дека многу голем дел од родителите не поддржаа.
Сите оние кои утре ќе дојдат во училиште ќе бидат прифатени, а Неделков да се изјасни зошто штрајкот е ставен во мирување. Ние ќе бидеме во училиште, ако дојдат деца, ќе ги примиме. Ако треба ќе држиме и настава, порачаа наставниците.