Наставник во Грција е под истрага, барал учениците да го масираат

by Fokus

Грчкото Министерство за образование покрена итна административна истрага по обвинувањата за несоодветно однесување на наставник по физичко образование во средното стручно училиште на островот Евија, во близина на Атина, кој наводно барал од учениците да го масираат.

Според обвинувањата, наставникот за време на лекција за техники на старогрчка масажа, наводно барал учениците да му го масираат грбот, пишува Катимерини.

Инцидентот стана јавен откако на социјалните мрежи се појави фотографија на која се гледа како наставникот лежи полугол на маса за масажа.

Фотографијата предизвика осуда во јавноста и набрзо беше отстранета од платформата.

За случајот веднаш биле известени надлежните од Дирекцијата за средно образование и Министерството за образование, што резултирало со итна реакција и покренување истрага.

Засега нема повеќе информации за случајот, пренесува Танјуг.

Поврзани новости