Во основно училиште во Виница пред два дена се случил немил настан, поради тоа што наставник одзел мобилен телефон од ученик, кој го користел за време на час.
Како што дознава „Фокус“, станува збор за ученик на 11-годишна возраст, а потоа неговиот татко дошол во училиштето и агресивно се однесувал кон наставникот.
Од СВР Штип го потврдуваат настанот, по што полициски службеници од ОВР Виница извршиле службен раговор со таткото на ученикот, против кго ќе била поднесена соодветна пријава.
-На 03.10.2023, полициски службеници од ОВР Виница извршиле службен разговор со В.Н.(48) од с. Виничка Кршла. Во 13.15 часот во училница на основно училиште во Виница агресивно се однесувал кон наставник затоа што претходно го одзел мобилниот телефон на неговиот малолетен син поради користење на мобилниот телефон на училишен час.
По комплетирање на случајот против В.Н. ќе биде поднесена соодветна пријава-истакнаа од СВР Штип.
Немаат детали зошто родителот сметал дека момчето треба да има мобилен кај себе и за време на настава, односно дали се работи за некој специфичен случај.
Од почетокот на учебната година повеќе основни и средни училишта во земјава истакнаа правилници на однесување, но и на облекување за време на наставата.
Некои од училиштата дури и забранија момчиња да имаат долга коса, или пак да ја носат врзана во репче. Во прилепска гимназија на пример, се забранува и доаѓање на настава во тренерки, како и пирсинг, иако пирсингот на уши е стара традиција во Македонија и на девојчињата им се прави уште додека се мали.
Поради правилниците, во јавноста има поделени мислења и реакции. Според многумина потребни се школски униформи, а кога е долгата коса во прашање, многумина сметаат дека станува збор за дискриминација, и правилниците треба да бидат изготвени во соработка со стручни лица.
Вики Клинчарова