Наставничкиот пленум преку писмено соопштение изрази незадоволство од најавеното покачување на платите во образованието од 5 проценти.
„Платите на просветните работници во Македонија се едни од најниските во регионот. Дополнително, наставниците не добиваат надоместоци за својата прекувремена работа која не ретко се одвива и за време на викенд, па оттука највеното зголемување за 5 проценти ниту ќе придонесе за поголема мотивираност на наставниците, а со тоа и подобрување на квалитетот на наставниот процес, ниту суштински ќе го подобри животниот стандард на таргетираните“, стои во реакцијата на Наставничкиот пленум.
Од таму додаваат дека очекуваат реално зголемување на платите во овој сектор.
„Доколку буџетот е празен, советуваме мерките за штедење да се остварат преку редукција на гломазната администрација во сектори каде реално нема потреба од толкав број административци, а не преку грбот на секторот образование каде училиштата сѐ уште сe соочуваат со недостаток на стручни кадри: педагози, психолози, дефектолози и други стручни лица. Во спротивно, оваа најава ќе ја сметаме за навредлива и популистичка мерка на Владата на РМ со која се обидува да се дотолчи и онака прегазеното достоинство на просветните работници во земјава“, се наведува во реакцијата.