Наставата од новата учебна 2022/2023 година ќе се реализира во отворени училишта и без антиковид-протоколи и обврска за носење заштитни маски.
-Засега не се предвидуваат никакви дополнителни превентивни мерки, освен оние што се актуелни и во сила – за болниците, јавниот превоз, аптеките и за домовите за стари лица. Конкретно за училиштата, засега нема, изјави за МИА д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата за заразни болести.
Учебната година задутре ќе почне за околу 255 илјади основци и средношколци. За учениците од второ и од петто одделение има нови наставни програми според Концепцијата за основно образование која од лани се спроведува етапно.
За овие ученици, како и за тие од прво и четврто, учебниците ќе доцнат поради измената на наставните програми кои се во различни фази на одобрување.