Вечерва, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје се отвора интернационалната изложба „Настан од една нишка: Глобални наративи во текстил“, организирана oд Институтот за меѓународни односи во културата (ИФА) и МСУ-Скопје, а курирана од Сузан Вајс, Инка Гресел и Јованка Попова.
За посетителите кои се заинтересирани да ја погледнат изложбата со личен кустос водич, истата вечер во 19.30 часот, пред официјалното отворање, кустосот Бојана Јанева со дел од присутните уметници ќе проговори за концептот на поставката пред присутните. После отворањето на изложбата во 21 часот следи диџеј сет со Нино Делиниколов.
Уметници чии дела ќе бидат изложени се: Ула вон Брандеребург, Кристина Божурска, Јане Чаловски и Христина Иваноска, Ноа Ешкол, Андреас Екнер, Ули Фишер, Зиле Хома Хамид, Хајде Хинрикс, Олаф Холзафел, Криста Џетнер, Елиза ван Јоолен и Винсент Вулзма, Јован Јосифовски, Ева Мајр и Еран Шаерф, Карен Мишелсен Кастанон, Џудит Раум, Франц Ерхард Валтер, Зорица Зафировска и Клелија Живковиќ; заедно со инсталацијата „Простор Баухаус“, визуелна архива за историјата на работилницата за ткаење во комплексот Баухаус Десау и Вајмар (уметничко истражување: Џудит Раум; дизајн: Јакоб Кирш; архитектура: S.T.I.F.F.) и уметнички дела од уметниците застапени во Колекцијата на МСУ-Скопје: Соња Димитрова, Димче Коцо, Јоланта Овидска, Исмет Рамичевиќ, Лиза Рехштеинер, Мира Спировска, Душко Стојановски, Патриција Веласко Уалин.
Изложбата е поддржана од Германската амбасада – Северна Македонија и Гете институтот – Северна Македонија и Тиквеш.
Изложбата ќе биде отворена до 2 септември 2024 година.