Следната година ќе започне изградбата на секундарната гасоводна мрежа во 10 македонски градови со што цевките за гас ќе стигнат до домаќинствата. Штип и Крива Паланка се веќе подготвени, тие се првите македонски градови после Струмица и Куманово, со комплетирана проектна документација за секундарната мрежа, а во фаза на изработка е и документацијата за Прилеп, Битола и Тетово, најави денеска премиерот Зоран Заев.
– Во 2021 година започнува втората фаза од тендерската постапка за избор на приватен партнер за изградба на дистрибутивната мрежа на природен гас во сите општини. Двете турски компании АКСА и ПАЛЕТ ИНСААТ се во втората фаза од натпреварот за стекнување на привилегијата за приватен партнер со проценета инвестиција од околу 300 милиони евра, рече Заев на денешната прес-конференција во Владата.
Тој посочи дека продолжува изградбата на магистралните гасоводи низ целата држава со засилено темпо.
-Идната година завршуваме со кракот до Битола, и до Тетово и Гостивар, а потоа продолжуваме со Гостивар – Кичево, Свети Николе – Велес и делницата до Гевгелија и до ТЕЦ Неготино, како и со закоружување на прстенот кон Охрид и Ресен до Битола, прецизира премиерот.
Идната година, како што кажа, и официјално започнува проектот изградба на интерконективен гасовод со Грција со кој, посочи, ќе се обезбедат дополнителни количини природен гас од други извори со конкурентна цена, со сигурност и безбедност во снабдувањето.
-Обезбедуваме гас од Азербејџан преку ТАП (Trans Adriatic Pipeline). Ова e клучен проект за енергетски – економски развој на Северна Македонија. Инвестицијата само за интерконекторот со Грција проценета на 50 милиони евра, од кои 10 милиони се грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан. Во фаза на проектирање е гасоводна врска со Косово и со овие два проекта, Северна Македонија ќе биде транзитна држава со природен гас и еден од главните играчи со природен гас во регионот, потенцира Заев.
Веќе во јануари, додаде, ќе стигнат анализите и проценките за нашето учество во изградба и сопственост на Терминалот за течен природен гас во Александропулос и Гасната електрана Александропулос.
-Во текот на 2021 Владата ќе донесе соодветни одлука за инвестирањето во овие проекти, рече премиерот Заев.